Реал ќе мора да заработи 200 милиони од продажба на играчи или ќе се соочи со казна

Реал Мадрид минатото лето одлучи да вложи голема сума на пари за да го реновира тимот и потроши околу 350 милиони евра..

„Кралскиот клуб“ по лошата сезона во која не освои ниту еден трофеј ги доведе Еден Азар, Лука Јовиќ, Едер Милитао, Родриго Гоеш и Ферлан Менди со цел да не им се повтори нешто слично и оваа сезона.

Сепак, шпанска „Марка“ сега пишува дека Реал Мадрид ќе мора да заработи 200 милиони евра од продажба на играчи со цел да ја избалансира финансиската година.

Иако Маркос Љоренте, Кејлор Навас, Раул Де Томас, Матео Ковачиќ и Тео Ернадез се продадени, Реал и понатаму потрошил повеќе од што заработил.

Сега според пишувањата на шпанскиот весник му се заканува казна од Ла Лига или од УЕФА доколку не ги избалансира финансиските книги.

Во Реал сметаа дека од продажбите на Хамес Родригез и Герет Бејл ова лето ќе заработат голема сума, но на крајот двајцата играчи останаа на „Сантијаго Бернабеу“.

Сепак, „Марка“ наведува дека „Кралскиот клуб“ ќе се обиде да го продаде овој тандем веќе оваа зима, а најдоцна следното лето. Исто така, Маријано Дијаз и Брахим Дијаз се на листата на играчи кои Реал сака да ги продаде со цел да ги заработи потребните средства.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top