Реал во криза, Роналдо никогаш полош: Повеќе непрецизни удари отколку додавања

Бетис го шокираше Реал Мадрид со 1:0 на „Сантијаго Бернабеу“ во петтото коло од Ла Лига..

Не е ни октомври, а актуелниот шампион веќе заостанува зад најголемиот конкурент Барселона со седум бода.

Дуелот со Андалузијците особено беше поразителен за Кристијано Роналдо. За официјално најдобриот фудбалер на светот ова беше прв натпревар по суспензијата од пет меча и сите очекуваа да експлодира и сам да го доведе Реал до победата, со оглед на тоа дека на претходните натпревари на „Кралевите“ им беше неопходна неговата голгетерска немилосрдност, бидејќи Бејл и Бензема промашуваа од ситуации во кои беше невозможно да се направи тоа.

Сепак, Португалецот одигра очаен натпревар, еден од најлошите откако е во Мадрид, а според многумина можеби и најлошиот.

Кристијано Роналдо беше особено мотивиран за овој натпревар, тоа беше видливо, бидејќи за него беше прв натпревар по четири недели пауза. Но, за Реал и за него ќе беше подобро да не играше против Бетис. Форсираше, солираше, беше себичен во многу ситуации и сето тоа без никаков учинок. Во првото полувреме имаше само еден удар помалку од додавања (7/8).

До крајот на натпреварот имаше дури 12 неуспешни обиди за да постигне гол, со што го израмни негативниот шутерски рекорд во историјата на Ла Лига од 2015. година, кој интересно, исто така е во негова сопственост.

За неговата немоќ синоќа, сведочи и ситуацијата од 51. минута кога Бејл фантастично го проигра пред противничкиот гол, но најдобриот стрелец во историјата на Реал шутираше далеку над голот.

Навивачите најмногу ги боли што Барселона побегна на седум бода разлика, па веднаш по натпреварот се појавија коментари од типот „Вратете го Роналдо на трибините, нека игра Марко Асенсио“.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top