Референдумот и бедната математика му ја скроија капата на Мицковски

СООПШТЕНИЕ НА ВМРО ДПМНЕ- ДЕМОКРАТСКА ФРАКЦИЈА.

На Демократската Фракција на ВМРО ДПМНЕ и на сите чесни и искрени вмровци им е смачено од ,,пресметливи” политичари со двојни и тројни аршини, посебно од оние наметнатите во нашите редови. Зарем е можно најголемата државнотворна партија да нема цврст став по ниту едно прашање, а посебно по прашањето кога државните функционери со скршена кичма ја обезличуваат државата по сите основи?.

Да не се соопшти цврст и јасен став на членството и на јавноста, да не се поведе народот во овие клучни моменти е одлика на кукавици и луѓе кои имаат други приоритетни интереси. Долгото молчење, манипулирањето со јавноста и членството, тајното кокетирање со претставници на меѓународната заедница и обидот да се заштитат криминалците во сопствените редови ја докусурија партијата. На вмровците и на Македонците многу побитна им е државата отколку умислената желба лидерот брзо да дојде до удобна премиерска фотеља.

Да го потсетиме наметнатиот лидер на кажаното: ,,Ако водам следете ме, ако се двоумам потурнете ме, ако ве предадам убијте ме”. Мицкоски, благодарение на криминалците во нашите редови ти не водеше, заради партијата ние те следевме, а ти не предаде. Кога се двоумеше ние те туркавме и храбревме заради доброто на сите. Но, ти не остави сами да одлучуваме заради твоите калкулантски математики, иако нашиот став е јасен и гласен, БОЈКОТ на референдумот чија основа е Договорот од Преспа. Твоето време и шанса помина, ја доведе партијата на срамни позиции и затоа замини си пред да се одржи референдумот. Ние сакавме лидер и раководство кое ќе застане пред народот, а не да се крие зад него.

На ВМРО и на Македонија потребно им е ново одлучно и храбро раководство, со јасен став за сите прашања, а не лидер кој се двоуми и кој постојано е посветен на ,,математиката”. Потребно е партиско раководство кое има свои принципиелно зацртани црвени линии и ставови за заштита на државата, името на државата и националните интереси.

13.09.2018  ВМРО ДПМНЕ- ДЕМОКРАТСКА ФРАКЦИЈА



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top