„Рекет”, Силјан Мицевски сведочеше во Обвинителството

Продолжи сведочењето пред Обвинителството за организиран криминал за случајот „Рекет“..

Презентерката Лила Филиповска за која се шпекулира дека на денот кога беше уапсен Боки 13 била во возилото со него кај граничниот премин Богородица кон Грција, по сведочењето одби да зборува за медиумите. Јавноста не дозна за што била прашувана и дали била со Боки 13 кога полицијата го приведе.

А, денеска по втор пат сведочеше и бизнисменот Силјан Мицевски. Пред да влезе во Обвинителството, тој најави дека ќе си ги бара назад сите пари што ги дал за организацијата „Меѓународен  сојуз“ на Бојан Јовановски.

Пензионерката во случајот „Рекет“, Лилјана Тодоровска, сведочеше пред обвинителката Вилма Рускоска на 19 август. Таа рече дека сумата од 720 илјада евра била првин префрлена на нејзина сметка, парите ги извадила, но им ги дала на лица од „Меѓународниот сојуз“.

За случајот „Рекет“, Обвинителството за организиран криминал во својство на осомничена ја товари и специјалната обвинителка, Катица Јанева, потоа Бојан Јовановски и Зоран Милевски-Кичеец. За последните двајца објавена беше и видео-снимка како земаат торба полна со милион евра од бизнисменот Орце Камчев, обвинет во случајот „Империја“.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top