Ристовски од Охрид ги повика граѓаните да бидат партнер на „Интегра“ во препородба на татковината

Лидерот на „Интегра“ – Македонска конзервативна партија Љупчо Ристовски вечерва пред граѓаните на Охрид истакна дека ова се сериозни и историски моменти во кои народот ќе мора, како што рече, стопати да премери пред да пресече, кому ќе му го даде гласот..

– Општествената сопственост стана сечија и ничија, мршојадите и се накомија ја разграбија и таа исчезна. Тоа ќе се случи и со Македонија ако во среда не избереме мудро политичко водство кое има нова моќна политичка визија, моќна реторика на јавна сцена невидена изминатите 30 години, рече Ристовски.

Порача дека граѓаните мораат со своите гласови да ја пореметат, како што рече, „веселата математика на СДС и ДПНЕ“, обвинувајќи ги двете најголеми политички партии во земјата за меѓусебна соработка за сопствени интереси.

– Заборавија една непозната во таа равенка, тоа е Љупчо Ристовски и „Интегра“, нова политичка визија што ќе ги соголи пред народот, да ја види сета лага што ја нудат 30 години, истакна Ристовски, повикувајќи ги граѓаните да ги испратат во историја двете партии.

„Интегра“ во Охрид го презентираше и составот на владата во сенка составена од, како што беше речено, „морални столбови, врвни професионалци, со знаење, умеење, чистота и љубов кон својот народ и татковина“.

Од собирот беше истакнато дека земјава ќе биде препородена и оти „Интегра“ ќе отвори нови хоризонти на напредок и нови перспективи за Македонецот.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top