Рокот за законот за ЈО сè поблиску, власта и опозицијата сè подалеку од договор

Спикерот Џафери вели дека има процедурална можност законот да се стави на седница до крајот на идната среда, но само ако власта и опозицијата претходно ги усогласат ставовите.

Се намалува времето за усвојување на законот за јавно обвинителство до 12 февруари – денот кога е предвидено распуштање на парламентот. Спикерот вели дека има процедурална можност законот да се стави на седница до крајот на идната среда, но според Талат Џафери, само ако власта и опозицијата претходно ги усогласат ставовите.

„На крај на мандат пред распуштање на Собрание само да се отвори седница, а неусогласен предлог, и да се претвори во театар, е тоа немам намера“, рече Џафери.

Разликите меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ остануваат големи со мали шанси да се надминат во претстојните неколку денови. Опозицијата не попушта, власта се надева дека се уште има простор за договор.

„Ни треба закон што ќе овозможи апсолутна правда, а тоа е можно само со прифаќање на забелешките и предлозите на ВМРО-ДПМНЕ“, вели Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ.

„Сметам дека сè уште има простор да се изнајде решение и овој парламентарен состав да го донесе законот за јавно обвинителство“, итакна техничкиот премиер Оливер Спасовски.

Денешната изјава на евроамбасадорот Самуел Жбогар е последна во серијата пораки на дипломатите дека закон мора да се донесе.

„Европската комисијата не го стави Законот за јавно обвинителство како услов, но тоа е нешто што треба да се направи од повеќе причини - прво за граѓаните да веруваат во правда и дека ќе има одговорност за кривичните дела. Ова е важно за повеќе земји членки, зашто е демонстрирање на посветеност за владеењето на правото“, рече Жбогар.

Освен Унијата и САД повикаа на носење на овој закон.

„Усвојувањето на предложениот законот за јавно обвинителство ќе ја демонстрира подготвеноста на земјата за владеење на правото и борба против корупцијата – ова треба да биде поважно од партиските интереси и политики“, – порача американската амбасадорка Брнс.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top