Роналдо пред враќањето во Мадрид: Се надевам дека овојпат нема да ме провоцираат

Вчера во Монте Карло се одржа ждрепката за групната фаза од Лигата на шампионите, а Јувентус се најде во Групата Д со Атлетико Мадрид, Баер Леверкузен и Локомотив Москва..

На церемонијата беше присутен и Роналдо, најголемата ѕвезда на Јувентус. Португалецот беше во конкуренција за најдобар играч во Европа во минатата сезона, но наградата замина во рацете на Вирџил ван Дајк.

Сепак, интересно беше да се слушне мислењето на Роналдо за ждрепката, а особено за враќањето во Мадрид.

„Се надевам дека навивачите на Атлетико нема пак да ме провоцираат, да ме прозиваат и да ми скандираат работи кои немаат врска со спортот. Освен тоа, се надевам на вистинска борба на теренот“, изјави Роналдо и додаде:

„Тоа е само уште еден натпревар, Атлетико е фантастичен тим, како што сите знаеме. Бев долго време во Реал така што добро ги познавам“.

Јувентус и Атлетико минатата сезона играа во осминафиналето. Атлетико во Мадрид славеше со 2:0, а Јувентус во реваншот победи со 3:0 и се пласираше понатаму.

Особено бурно беше во првиот натпревар во Мадрид. Навивачите на Атлетико не ги заборавија годините тероризирање од страна на Португалецот додека овој го носеше дресот на Реал и од самиот почеток не престанаа да го навредуваат.

На провокациите одговори со провокација. Со оглед на тоа дека Атлетико Мадрид никогаш во својата историја не освоил Лига на шампиони, Роналдо во воздух крена пет прсти сугерирајќи го бројот на трофеи во елитното континентално клупско натпреварување кои ги освоил во кариерата. Испратен од разни навреди, од трибините следуваа уште пожестоки свирежи.

Низ медиа зоната, при излегувањето од стадионот, Роналдо повторно гестикулираше со пет прсти. Видно изнервиран, на новинарите им дофрли: „Освоив пет титули во Лигата на шампионите. Атлетико ниту една. Јас пет, Атлетико нула“.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top