Роналдо: Во Рома нема ниту еден фудбалер со кој би го менувал дресот

Во недела на „Олимпико“ се игра големото дерби во Серија А меѓу Рома и Јувентус во рамките на 19. коло од Серија А..

Рома пред своите навивачи го пречекува стариот ривал и јасно е дека овој меч ќе биде во центарот на вниманието на Апенините. Јувентус се бори за првото место со Интер и за нив секој меч е и тоа како важен, а во Рома сигурно ќе дадат се од себе за да им ги расипат плановите.

Јасно е дека во Јувентус најмногу очекуваат од Кристијано Роналдо кој одлично ја започна 2020. година. Тој пред неколку дена во мечот против Каљари постигна хет-трик и покажа уште еднаш дека полека се враќа во вистинската форма.

Роналдо ужива во мечевите против Рома бидејќи секогаш имал повеќе причини за славје. Против овој тим играше додека беше во Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид, па секојпат излегувал како победник.

Но, сите особено се сеќаваат на 2007. година и дуелот меѓу Јунајтед и Рома во ЛШ. Рома првиот меч го доби со 2:1 на свој терен, а потоа во реванш четвртфиналето доживеаја катастрофа откако Јунајтед ги совлада со 7:1.

Роналдо се присети на овој натпревар и откри како некои играчи на Рома тогаш го молеле да престане да ги дрибла, додека некои дури и му се заканувале.

„Кога беше 6:0 бараа од мене да престанам и ме молеа повеќе да не дриблам никого. Имаше и такви кои ми се закануваа дека ќе ме повредат“, изјави Роналдо.

Исто така, португалскиот фудбалер откри дека нема да го замени дресот со играчите на Рома и објасни зошто.

„Во Рома нема ниту еден играч со кој би го менувал дресот“, кратко порача фудбалерот на Јуве кој очигледно добро ги запаметил заканите кои ги добил пред 13 години од тогашните играчи на римскиот клуб.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top