Русите со над 77 отсто на референдумот му овозможија на Путин да владее до 2036

Големо мнозинство граѓани на Русија гласаа за измените на уставот кои ќе му овозможат на претседателот Владимир Путин да остане на власт до 2036 година..

Меѓутоа, еднонеделниот референдум, кој заврши вчера, го обележаа многубројни извештаи за притисоци врз гласачите и други неправилности.

Со затворањето на повеќето гласачки места во државата и преброени 90 отсто од ливчињата, 77,9 осто гласале за уставните амандмани, според податоците на руската Централна изборна комисија.

За првпат во Русија гласањето траеше една недела за да се зголеми излезноста на граѓаните, но и да се намалат гужвите на гласачките места поради пандемијата на коронавирусот.

До затворањето на гласачките места во Москва и повеќето други делови на Западна Русија, вкупната излезност била 65 отсто според изборните власти. Во некои области гласале дури 90 отсто од граѓаните со право на глас.

На најисточната точка на Русија, полуостровот Чукотка, кој е девет часа пред Москва, властите брзо ги објавија прелиминарните резултати кои покажуваат дека 80 отсто од гласачите ги поддржале амандманите, а во останатите делови на Далечниот исток околу 70 отсто ги поддржале уставните измени.

Критичарите на Кремљ и независните набљудувачи на изборите ги преиспитуваат официјалните бројки.

„Ги набњудуваме соседните региони и неправилностите се очигледни, постојат региони во кои излезноста вештачки е зголемена, постојат региони каде што помалку или повеќе е реална“, изјави Григори Мелконијантс, копретседателот на независната група за следење на изборите Голос за Асошиејтед прес.

Претседателот на Русија Владимир Путин гласаше вчера во Москва на гласачкото место во Руската академија на науките.

Тој беше без маска на лицето, за разлика од повеќето останати гласачи на кои на влезот им се нудеа бесплатни маски.

Кремљ смета дека амандманите се неопходни за стабилноста и безбедноста на земјата, додека критичарите на Путин сметаат дека измените претставуваат потег кој му обезбеди уште долго да остане на власт.

Путин претходно ги повика граѓаните да излезат на референдумот и да гласаат за или против амандманите, истакнувајќи дека секој глас е важен.

„Не гласаме само за уставните промени. Гласаме за земјата во која сакаме да живееме, земјата која сакаме да им ја оставиме на нашите деца и внуци“, порача Путин.

Извор: МКД.мк


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top