Саборот на СПЦ ќе расправа за МПЦ-ОА и односите со БПЦ

Барањето на МПЦ-ОА до БПЦ да и биде мајка црква и новата територијална организација на СПЦ што ја засега и Македонија, се очекува да бидат дел од темите на пролетното заседание на Светиот архиерејски сабор на Српската православна црква.

Иако нема официјална потврда од СПЦ, српските медиуми пренесуваат дека на Саборот ќе се расправа одлуката на Бугарската црква да прифати да и биде мајка црква на МПЦ и да се застапува за нејзино целосно вклучување во заедницата на православните цркви.

Синодот на СПЦ досега формално не се огласи за релациите МПЦ – БПЦ. Сепак, дел од владиците тоа го оценија како преседан во меѓуправославните односи наведувајќи дека и покрај спорот околу статусот, официјално мајка црква на МПЦ може да биде само СПЦ, пишува „Данас“.

Во однос на новата територијална организација, во предложениот нов Устав на СПЦ се предвидува ПОА на Јован Вранишковски да добие статус на „автономна црква во составот на СПЦ“, а нејзиното историско седиште од Охрид да се премести во Скопје. Според новиот предлог Устав, изборот на архиепископот ќе го потврдува српскиот патријарх. Новиот Устав не предвидува можност Саборот и патријархот да не се согласат со одлуките на автономната црква во Македонија ниту предвидува „уставен лек“ за таква ситуација. Новина е и тоа што наместо досегашниот еден глас, во иднина сите владици во Македонија ќе имаат право да учествуваат во изборот на поглаварот на СПЦ.

Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква - Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) во контекст на најавените промени во СПЦ, во март излезе со реакција во која беше наведено дека Предлог-текстот за промена на Уставот на Српската православна црква содржи хегемонистички аспирации и националистички претензии врз суверенитетот и независноста на Република Македонија, како и грубо мешање во јурисдикцијата на МПЦ-ОА.

- Со ова, СПЦ покажува своевиден анахронизам, контрадикторност и непринципиелност кон своите сопствени одлуки: САС на СПЦ бр. 1744/ зап. 343 од 26 јуни 1959 година, чл. 165 точка 6 каде се вели: “Со оваа Одлука, престануваат да важат прописите од Уставот на СПЦ, за епархиите и архиереите на територија на НРМ. Истата Одлука на Синодот е потврдена на Светиот архиерејски собор на СПЦ - АСбр. 47/958 од 17 јуни 1959 година, донесена во Белград. Кој има очи - ќе види и кој има уши - ќе слушне!, се наведува во соопштението од Канцеларијата на Светиот синод на МПЦ-ОА објавено во пресрет на Саборот на СПЦ.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top