САД подготвува зголемување на царината и на преостанатите кинески производи

Претседателот на САД, Доналд Трамп нареди зголемување на царинските давачки за речиси 300 милијарди долари за останатите кинески производи, соопшти претставникот за трговија, Роберт Лајтизер..

Овој потег доаѓа по неуспехот на преговорите на кинеската и американската трговска делегација која се состана во Вашингтон за да го реши трговскиот конфликт кој трае веќе со месеци.

Во Соединетите американски држави стапи на сила зголемената 25-процентна царина за увоз на кинеска стока во вредност од 200 милијарди долари.Досега, царинските давачки за овој увоз изнесуваа 10 отсто.

Трамп на Твитер наведе дека неговиот однос со кинескиот Си Џинпинг е многу силен и дека очекува преговорите да продолжат. Кина најави контрамерки откако САД ги зголемени царините од десет на 25 проценти, меѓутоа не објасни како планира да одговори на тоа.

Ако САД ги зголеми царините и на преостанатите кинеските производи, тоа значи дека ќе наметне царини за увоз на речиси сите кинески производи.

САД се незадоволни поради нерамнотежата во трговијата со Кина, а дефицитот во последната деценија се зголеми на 419 милијарди долари.САД ја обвинуваат Кина за нефер трговска пракса, вклучувајќи кражба на интелектуална сопственост, присилен трансфер на технологија и фаворизирање на кинески компании. Тензии има и поради кинеските телекомуникациски компании кои Вашингтон ги смета за закана и го блокира нивниот пристап до американскиот пазар.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top