Самсоненко пак се предомисли: Останува во Вардар заедно со играчите, клубот ќе се консолидира

Сопственикот на Вардар, рускиот бизнисмен Серген Самсоненко, имаше состанок со играчите и управата на најтрофејниот македонски фудбалски колектив и на истиот било соопштено дека тој ќе остане во таборот на Вардарци и покрај последните најави за заминување..

Вардар се наоѓа во непријатна финансиска состојба, долговите се наталожени, но најавено е дека сите ќе бидат подмирени. Не е јасно кога сето тоа ќе биде завршено, но Самсоненко порачал дека останува дел од фудбалскиот клуб и дека ќе биде вложен максимален напор за да се расчистат работите и сите во клубот да бидат задоволни.

Таков став имаат и фудбалерите, кои по овие вести сигурно ќе останат во истиот состав и на пролет ќе ја нападнат титулата, што е цел на клубот по неочекувано добри резултати во првата полусезона. Вардарци се лидери во Првата македонска фудбалска лига и имаат цели осум бода предност во однос на Шкендија, поради што трката за титулата ќе биде мошне интересна во вториот дел од сезоната.

Така, сите во таборот на Вардар остануваат со здружени сили во походот кон титулата која две години е во сопственост на Шкендија. Самсоненко повторно направи пресврт во ситуацијата, но овојпат добил огромна поддршка од самите играчи. Сето она што им се должи на играчите е договорено да се регулира во одредени рокови, а ветено е дека тие рокови ќе се испочитуваат. Играчите барем го заслужија тоа, откако и покрај тоа што имаа голем број понуди по првичните вести додека беа во Анталија, решија да останат во клубот и да не го напуштаат.

Од друга страна, овој потег на Самсоненко околу најавеното заминување може да се протолкува како притисок и повик за помош околу финансирањето кон Град Скопје, откако и претходно бараше помош од државата по големите инвестирања кои ги направи во спортот во нашата држава, истакнувајќи дека не може повеќе сам.

Вардар подолго време е во финансиска криза, имаше долгови кон играчите и ветувања дека истите ќе бидат подмирени. Една таква крупна исплата се случи принудно во јануари минатата година кога беа исплатени дел од долговите со цел да не се добие суспензија од УЕФА, но на крајот ФФМ не му даде лиценца на Вардар за излез во Европа, што беше најголем удар за клубот откако не така одамна Вардар испиша историја со пласманот во групната фаза од ЛЕ. Шлагот на тортата беше суспензијата на Вардар од страна на ФИФА за регистрирање на нови играчи, а и покрај се Вардарци првиот дел од сезоната го завршија на првото место на табелата.

Сега останува да се види дали и како во Вардар планираат да го надминат овој критичен период, бидејќи вториот дел од сезоната започнува наскоро, а рокот за подмирување на сите долгови за обезбедување на лиценца е краток, бидејќи некаде околу крајот на април и почетокот на мај ФФМ објавува кои клубови добиваат лиценца за настап на европската сцена.

Доколку Вардарци не успеат да добијат лиценца по втор пат, ќе биде погубно бидејќи Вардар ќе остане без потенцијални 700.000 евра (ако биде шампион) и со тоа клубот ќе влезе во поголема криза, а играчите лесно ќе го напуштат клубот.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top