Саудискиот крал одржа прв голем говор по убиството на новинарот

Саудискиот крал Салман денеска го одржа својот прв голем говор откако саудиските агенти го убија новинарот Џамал Кашоги, и изрази поддршка за својот син, принцот престолонаследник, без да ги спомене обвинувања дека принцот го нарачал убиството..

Во својот годишен говор за политиката на земјата пред Шура советот кралот ги наведе приоритети на Саудиска Арабија за следната година, истакнувајќи теми како што се војната во Јемен, безбедноста за Палестинците, стабилноста на пазарот на нафтата, спротивставување на ривалот Иран и отворање нови работни места за Саудијците.

„Иранскиот режим постојано се меша во внатрешните прашања на другите земји, го спонзорира тероризмот, предизвикува хаос и уништување во многу земји во регионот“, рече 82-годишниот крал, пренесе Нашнл.

„Меѓународната заедница мора да работи на спречување на иранската нуклеарна програма и нејзините активности кои ја загрозуваат безбедноста и стабилноста“, додаде тој.

Кралот рече дека Саудиска Арабија ги поддржува напорите на ОН за запирање на војната во Јемен, каде што коалицијата предводена од Саудиска Арабија се бори против бунтовниците Хути,  поддржани од Иран речиси четири години за на власт да ја врати меѓународно признаената влада.

„Нашата поддршка за Јемен не беше опција, туку должност да му помогнеме на јеменскиот народ во борбата против агресијата на милицијата поддржана од Иран“, рече тој.

Кралот не се осврна на бурата што се крена околу принцот престолонаследник Мохамед бин Салман во врска со убиството на Кашоги, така што само рече дека му дал упатства да стави посебен акцент на развојот на способностите на саудиската младина.

ЦИА заклучи дека принцот Мохамед го наредил убиството на Кашоги на 2 октомври, што Саудиска Арабија одлучно го негира.

Кашоги (59) е убиен на 2 октомври во саудискиот конзулат во Истанбул, каде отишол по документи за брак со турска државјанка.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top