СДСМ поднесува инцијатива за седница на Собранието

По барањето на социјалдемократите, се очекува претседавачот Трајко Вељаноски да закаже продолжување на конститутивната седница..

СДСМ денеска поднесува инцијатива за продолжување на конститутивната седница на Собранието, на која треба да се избере претседател на законодавниот дом, дознава Дојче веле.

По ова, претседавачот со седницата Трајко Вељаноски треба да го закаже нејзиното продолжение, што ќе биде прв чекор кон изборот на органи и тела и функционирање на парламентот во полн капацитет, речиси 80 дена по верификувањето на пратеничките мандати.

Иницијативата е резултат на неколкудневни консултации меѓу парламентарните партии, а чекорите завчера ги најави и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по средбата со лидерот на СДСМ, Зоран Заев. 

„Најнеопходно е прашањето за конституирање на Собранието. Сите напори се во насока да се стави Собранието во функција и да се избират собраниските органи. Потоа да се направи официјално барање од претседателот на Собранието до претседателот на државата, за да го даде мандатот за формирање на нова влада. Не може да се зборува за конституирање на еден орган, без да се има мандат. Значи, прво треба да се даде мандатот, а потоа да се водат преговори за ресорите“, рече Ахмети.

SDSM Parteizentrale, Skopje, Mazedonien (MAKFAX)

СДСМ со иницијатива за седница на Собранието

Мирен трансфер на власта

СДСМ денеска и преку соопштение побара брза разврска на политичката криза и формирање нова влада, како што наведува, според мнозинската волја на граѓаните и којашто ќе ја гарантира стабилноста, безбедноста и добрата иднина на граѓаните и на државата.

„Aко ВМРО-ДПМНЕ сака унитарна и суверена Република Македонија и се грижи за потребите на граѓаните, треба веднаш отворено да ја поддржи Програмата на новата реформска влада, да прифати дека е опозиција и да овозможи мирен трансфер на власта“, се вели во соопштението од СДСМ.

Според СДСМ, отсуството на претседателот и на премиерот од државата е несериозно.

„Во услови кога нема нова влада, Собранието нема претседател, ова е крајно ризично и бара многу брза разврска на политичката криза. Институциите мора веднаш да се формираат и државата мора да профункционира според мнозинска волја на граѓаните“, наведува СДСМ во соопштението.

Во вторник во Скопје доаѓа еврокомесарот за проширување Јоханес Хан. Се очекува до неговото доаѓање Собранието да се состане и пратениците да го изберат новиот спикер, по што официјално би го известиле шефoт на државата дека е констатирано мнозинство од 67 пратеници и ќе побараат мандат за состав на нова Влада. Во таа насока, од присуството на Хан се очекува дополнителен импулс во насока на деблокирање на процесот за формирање влада. 



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top