Се кршат копјата околу кампањата за референдумот

Кампањата за референдумот, која ќе се финансира од буџетот, е вовед во озаконување на финансирањето на политичката пропаганда со јавни пари..

Ова е реакцијата на претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани, по одлуката на Владата, кампањата за референдумот да се води со пари на граѓаните. Медиумските експерти толкуваат дека со овој потег Владата ги нарушува пазарните услови на медиумите и дека со ова се продолжува праксата која беше воведена во време на владеењето на Никола Груевски.

„Со тоа се враќаат владините реклами како во времето на режимот на Груевски, кој со јавни пари ги корумпираше и ги контролираше медиумите. Овој систем ги прави финансиски зависни медиумите и ги претвора во пропаганда машинерија. Ваквите медиуми не му служат на јавниот интерес на граѓаните, туку на интересите на власта. Со оваа катастрофална мерка, која ќе има несогледливи последици по слободата на медиумите, власта на СДСМ го прекрши јавното ветување дека никогаш повеќе како режимот на Груевски нема да ги корумпира медиумите со јавни пари“, вели Селмани.

Повеќе медиумски организации и експерти предлагаа целосно да се укине и државното и политичкото рекламирање, барем за одреден временски период. Професорката по медиумско право Снежана Трпевска смета дека прашањето за референдумот во медиумите треба повеќе да се води низ дебати, а не низ политички реклами.

„Мислам дека јавната кампања за договорот со Грција треба да се води низ дебати во кои со аргументи за или против ќе се разговара, за да може граѓаните добро да се информираат за тоа што е добро, а што не е добро. Во овој случај вие имате напишан текст со кој им се обраќате на граѓаните, без новинарска интервенција“, вели Трпевска.

Во изминативе години се направени многу анализи во кои се констатира дека медиумскиот пазар не функционира, дека е раситнет и фрагментиран. Трпевска е категорична дека комерцијалните медиуми треба да се финансираат од огласувачи и на пазарот да успее оној што ќе понуди квалитетна програма и кој ќе успее да привлече публика и пари од огласувачите.

„Секое одвојување пари од буџетот во комерцијални медиуми, од една страна ја извитоперува уредувачката политика, од друга страна ги става медиумите во ситуација да се борат меѓусебно за тие јавни пари. Тоа влијае и на пазарот и на уредувачката политика на медиумите. Постепено тие јавни пари ја изместуваат позицијата на медиумите“, додава Трпевска.

Во изминативе години регулаторното тело, според неа, без анализи и критериуми доделуваше дозволи на медиуми, најчесто за да му се удоволи на некои политички и бизнис-центри.

Според Селмани, медиумите во Македонија се заложници на валканите економски интереси на тајкуните и на криминалните интереси на политиката.

„Ако сакаме да изградиме здрав и одржлив медиумски пазар, мора да се реиздаваат лиценците за националните приватни телевизии. Во ниедна нормална европска земја со толкав мал медиумски пазар, на економски основи, не може да опстојат пет приватни национални телевизии. Во живот нив ги одржува политиката, која за возврат добива неограничена можност за политичка пропаганда и контрола врз тоа што ќе објават тие телевизии во нивните информативни програми“, вели Селмани.

Владата завчера донесе одлука за спроведување на кампањата за референдумот. Но таа сè уште не знае колку точно пари ќе бидат издвоени за кампањата која најверојатно ќе почне идната недела.

Владата ги задолжила министерствата во рок од три дена до Министерството за финансии да достават информација за средствата кои ги имаат на располагање и кои може да се пренаменат за кампањата за референдумот. Средствата ќе бидат заштедени од репрезентациите на министрите.

Со кампањата, Владата ќе ги информира граѓаните дека успешен референдум значи отворање на патот на земјата за членство во НАТО и Европската Унија.

„Сметаме дека референдумот е многу важен за земјата и сите средства кои ќе се користат за спроведување на кампањата ќе бидат јавно објавени“, порачува портпаролот на Владата, Муамет Хоџа.

Според правилникот на Државната изборна комисија, Владата ќе има привилегиран пристап до услугите на радиодифузерите, а останатите субјекти можат да се рекламираат во медиумите под пазарни услови.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top