Се одбројува до кампањата. Патот кон Водно почнува и завршува во Охрид

Охрид, според навестувањата, ќе биде во центарот на претстојната изборна кампања за претседател на државата.

ВМРО-ДПМНЕ, традиционално, и за претстојните избори го избра Охрид како стартна позиција за кампањата, која почнува на 1 април. СДСМ, пак, планира таму да го одржи завршниот митинг пред првиот изборен круг, односно на 18 април, пред почетокот на изборниот молк.

Исто како и пред предвремените парламентарни избори во декември 2016 година, карваните на двете најголеми партии и годинава, најверојатно, ќе стартуваат од Охрид и од Прилеп, каде што владејачката коалиција ќе го одржи првиот митинг, а неколку часа пред тоа претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, всушност, ќе го има првиот кампањски настап во Крушево. Од СДСМ велат дека последните кампањи ги почнуваат од Прилеп како симбол на победа што, како што велат, беше потврдено и на последните локални избори.

Интересен е податокот дека во однос на распоредот на митинзи и други технички прашања пред претстојните избори се одвива поинтензивна координација од вообичаената меѓу штабовите на тројцата претседателски кандидати: Пендаровски, Гордана Силјановска-Давкова и независниот кандидат Блерим Река, кој доби поддршка од Беса и Алијансата на Албанците. Овој принцип беше договорен на неодамнешната средба меѓу лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, во насока на обезбедување фер и регуларен изборен процес кој би влијаел позитивно и на оценките на ЕУ пред одлуката околу датумот за преговори.

Двете најголеми партии, според најавите, централните митинзи во Скопје ќе ги одржат кон средината на кампањата, односно ВМРО-ДПМНЕ на 13, а СДСМ на 14 април. Кампањата на ВМРО-ДПМНЕ најверојатно ќе финишира во Штип. Во штабот на Река вчера се договараа последните детали околу претстојната кампања, така што првичните најави се дека таа ќе стартува од Скопје и дека ќе излезе од досегашните матрици на изборните кампањи, така што ќе биде концентрирана на дебати на Река со гласачите, во кои би се вклучиле и експерти за одредени прашања. Штабот на Река вчера ја поднесе неговата кандидатура до ДИК, заедно со над 11 илјади потписи на граѓани. Рокот за доставување на кандидатурите истекува утре. Дотогаш треба да се утврдат и кандидатите за градоначалници на Охрид, Дебар и Ново Село.

За Охрид се знае дека кандидат на СДСМ е в.д. градоначалникот Константин Георгиески, а на ВМРО-ДПМНЕ Митре Милошевски. За разлика од изборната битка на централно ниво која ќе биде „професорска“, со оглед на тоа што тројцата кандидати доаѓаат од универзитетската фела, битката за Охрид ќе биде „лекарска“, ако се има предвид дека и Георгиески и Милошоски се лекари по професија - првиот интернист, а вториот неврохирург. Во општина Ново Село, кандидат на СДСМ е Никола Андонов, кој бил градоначалник и во периодот 2005 - 2009 година, а на ВМРО-ДПМНЕ, Николчо Стоилков, магистер по право. За Дебар, пак, се тактизира до последен момент, а очекувањата се дека СДСМ ќе застане зад кандидатот на ДУИ, како и во 2017 година, а ВМРО-ДПМНЕ може да го поддржи кандидатот на Беса и на Алијансата.

Генералните секретари на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Кирацовски и Игор Јанушев, ги предводат централните изборни штабови на кандидатите Пендаровски и Силјановска-Давкова. Од СДСМ најавуваат неколку поголеми митинзи, а паралелно и форумска, односно интерактивна кампања, слична како таа за референдумот, во која ќе може да се вклучуваат граѓаните со прашања до претседателскиот кандидат и до функционерите од партиите што се дел од владејачката коалиција, кои исто така ќе бидат вклучени во предизборните активности, вклучително со премиерот Зоран Заев. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ќе водат граѓанска кампања. Претседателската кандидатка Силјановска и партискиот лидер Христијан Мицковски ќе им дадат предност на непосредните контакти со граѓаните. Опозицијата планира да одржи два класични митинзи и неколку протестни маршеви, налик на оние што ги организираше и во претходните месеци.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top