Се огласи компанијата чиј танкер беше нападнат кај Оман

Причината за експлозијата на норвешкиот танкер во Оманскиот залив останува непозната, објави компанијата Фронтлајн сопственичка на танкерот, додавајќи дека е исклучена можноста за „механичка или човечка грешка“..

„Компанијата и други, вклучувајќи владини претставници, темелно ќе го испитаат случајот за да се најде причината“, изјави превозната компанија доцна во петокот.

Компанијата објави дека експлозијата на танкерот Фронт алтаир се случила во четврток во 7 часот наутро по централно европско време, веднаш откако танкерот поминал низ Ормутскиот теснец.

Повикувајќи се на зголемени тензии во регионот и во очекување на целосни информации за причините за експлозијата, компанијата Фронт алтаир рече дека ќе биде „крајно претпазлива во однос на нови договори во регионот“, а ќе се консултира и со експерти за безбедност.

Експертски тим треба да го прегледа танкерот денес и да ја процени штетата. Танкерот Фронт алтаир се запали по експлозијата, но се уште плови иако пожарот е изгаснат.

Според неименувани американски претставници, пренесени од Ројтерс, иранските воени бродови во Заливот на Оман спречуваат два приватни реморкери да го извлечат танкерот.

САД за овој случај и за експлозиите што се случија во исто време на јапонски танкер во оваа област го обвинуваат Иран, а Техеран ја отфрла одговорноста.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top