Се што сакате за Биткоинот

Вредноста на првата дигитална валута незапирливо расте, а вие се прашувате дали сте ја пропуштиле можноста за вложување?.

Вредноста на првата дигитална валута незапирливо расте, а вие се прашувате дали сте ја пропуштиле можноста за вложување? Што всушност е биткоинот, како настанал и дали ќе продолжи неговиот раст или се работи само за „балон“ кој наскоро ќе пукне, се прашањата на кои ќе се обидеме да дадеме одговор.


Можеби сте го следеле уште од 2009 година кога се појави, а можеби спаѓате во другата група луѓе што за него чуле неодамна, кога неговата вредност почна значително да се зголемува. Моментално вредноста на биткоинот на различни берзи се движи меѓу 17.000 и 18.000 долари, а во САД оваа недела почна и тргувањето со фјучерси (futures) на биткоинот. Што значи сето ова, можете да прочитате во нашиот водич:

Што всушност е биткоинот?


Оваа дигитална валута, која е создадена пред осум години, најмногу се разликува од валутите што ги знаеме по тоа што не постои во хартиена форма и не е контролирана од ниту една институција. Банките не учествуваат во трансакциите со биткоинот, кои ги потврдуваат самите корисници.

Кој стои зад биткоинот?


Зад биткоинот наводно стои Сатоши Накамото, кој никогаш не излегол пред јавноста, а во текот на првите години од појавувањето вредноста на биткоинот не успеала да достигне ниту еден долар. Освен оваа, се појавија и други дигитални валути, од кои најпознати се Ethereum и Litecoin

Како се станува сопственик на биткоин?

Со биткоини најмногу се тргува преку берза, односно преку „дигитални менувачници“ – најпознатите во светот се Coinbase, Coinmamа и Kraken. Дигиталните валути се чуваат во таканаречени дигитални паричници.

Најголемата платформа за складирање биткоини Blockchain.info моментално има 19 милиони корисници, што е речиси двократно зголемување од почетокот на годината.

До биткоини може да се стигне и преку „рударење“, со помош на алгоритми кои ја „копаат“ оваа дигитална валута, но тоа е побавен процес кој бара вложување и во компјутерска опрема. Во одреден период сите трансакции со биткоинот се собираат во таканаречен синџир од блокови (blockchain), а задача на „рударот“ е да ги запише во главната книга за да се следи тргувањето. За награда, и самиот „рудар“ добива биткоини. Освен ова, можат да се купат и директно да се претворат во пари преку банкомат.

Кои се опасностите од вложување во биткоини?

Самиот шеф на Coinbase оваа недела предупреди на опасноста од вложување во дигитални валути. „Дигиталните валути се волатилни (нестабилни) и нивната вредност многу се менува“, напишал на својот блог Брајан Армстронг, предупредувајќи на уште една опасност – сајбер-безбедноста. Тој повторно потсети на нужноста од заштита на сметката со двостепена верификација, како и на недостапноста на платформата кога волуменот на тргување изразено се зголемува.  „Ова може да доведе до тоа да не можете да ги продадете биткоините кога ќе посакате“, предупреди Армстронг. 

Тука постои и ризик од кражби, црно сценарио какво што се случи во Словенија, кога на компанијата NicheHash ѝ беа украдени биткоини во вредност од 65 милиони долари, а важно е и да се напомене дека биткоинот не се регулира преку берза каде што се тргува со акции, со што последиците од шпекулирање се сведени на минимум.

Каква е врската меѓу „Вол стрит“ и биткоинот?


Во неделата во САД почна тргувањето со фјучерси на биткоинот, што значи дека вложувачите ќе можат да се обложуваат на неговата вредност во иднина. За оптимистите ова е уште една потврда за купување дигитални валути, додека скептиците предупредуваат на создавање балон кој кога-тогаш ќе пукне. Дали тоа ќе се случи за еден месец или по две години, никој не може да знае.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top