Се затвораат плажите на Флорида поради непочитување на мерките против ковид

Повеќе плажи во американската сојузна држава Флорида ќе бидат повторно затворени за да не се собираат голем број луѓе и да се спречи натамошно ширење на коронавирусот..

Забраната е за време на одбележувањето на американскиот национален празник – Денот на независноста, на 4 јули.

Гувернерот на оваа сојузна држава Рон Де Сантис рече дека собирите на млади доведуваат до зголемување на бројот на пациенти.

Најавена е и забрана за служење алкохол во баровите поради тоа што гостите не ги почитуваат мерките за заштита. Веќе се затворени неколку ресторани затоа што не го почитувале ограничувањето на бројот на гости и обврската да носат маски.

Во САД во последните 24 часа се регистрирани најмалку 38 845 новозаразени случаи со коронавирус, од чии последици починале уште 264 лица, со што вкупниот број на заразени во земјата достигна 2 548 996, а на смртни случаи 125 804, според податоците на Универзитетот „Џон Хопкинс“.

Намалување на бројот на инфицирани е забележано само во две сојузни држави, а пораст има во 36, при што ситуацијата е посебно загрижувачка на Флорида, за која експертите тврдат дека би можела да стане ново жариште на зараза.

На Флорида вчера се потврдени 9 585 нови случаи на зараза со ковид-19, што е најголем дневен пораст во оваа држава од почетокот на пандемијата.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top