Сеад Кочан се изјасни дека е невинv

Убедувањето дека криминалот е активност што се исплати е она што ги поврзува обвинетите во случајот Труст, кои со фалсификувани документи добиле тендер од АД ЕЛЕМ за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола..

Специјалното обвинителство на денешното прво рочиште посочи дека обвинетите “ископале” 17 милиони евра државни пари. Обвинителот Гаврил Бубевски во својот воведен збор рече дека содржината на „бомбите“ потврдува дека обвинетите свесно ги изиграле прописите и постапката за доделување на договор за јавна набавка, а главен мотив им било стекнување на имотна корист.

„Невистинитоста на документацијата е есенцијата на ова кривично дело. Така го предвидел законодавецот и на тој начин ја штити конкуренцијата и не дозволува со невистинита документација да дојдеш до работа за која што после, како што тврдеа сега обвинетите, ја сработиле. Нема сработување на нешто до кое си дошол без валидна документација. Ризикот со кој што влегуваш во таква работа е твој, и сам знаеш дека влегуваш на криминален начин. Ако те фатат после ќе си ги вратиш тие 17 милиони евра“, истакна Бубевски.

Бизнисменот Сеад Кочан е првообвинет во случајот. Пред судот се изјасни за невин по обвиненијата што Специјалното обвинителство му ги става на товар. Дека не направиле кривично дело рекоа и останатите двајца обвинети Василије Авировиќ и Сафет Ватиќ, како и правните застапници на фирмите “Трансмет”, “Силекс неметали” и “Вато”.  Тврдат дека не дале невистинита документација.

„Во јавноста во врска со овој настан се крена фама дека на некој начин тоа е организирано помеѓу власта и фирмите. Но гледате дека испаѓа Сафет Ватиќ да биде обвинет сосема неоправдано, и јас се надевам дека во текот на постапката вистината ќе излезе на виделина“, додаде адвокатот Ванчо Митев.

Три прислушувани разговори меѓу кои и веќе објавената бомба меѓу екс премиерот Груевски и поранешниот директор на ЕЛЕМ Влатко Чинговски се меѓу доказите во овој предмет кои кривичниот суд при оценка на обвинението не ги отфрли. Сепак обвинителите од СЈО не ја отфрлија можноста доколку обвинетите посочат дека и други лица од поранешната власт им овозможиле да го реализираат нелегалниот тендер, ќе се прошири обвинението и на тие лица.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top