Седумтемина отпишани пратеници се враќаат во ВМРО-ДПМНЕ?

Со враќањето на независните пратеници во ВМРО-ДПМНЕ, само ќе се потврди тезата дека постоел некаков договор за промена на државното име.

Голема е веројатноста седумтемина пратеници што беа протерани од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, и кои направија своја пратеничка група во парламентот, повторно да се вратат во прегратките на Христијан Мицкоски. Ваквата информација деновиве активно кружи низ политичките кругови, особено откако беше обелоденето дека високи раководители на опозициската партија се сретнале со „отпишаните“ и, наводно, разговарале за постигнување примирје.

Дека има вистина во изреката „каде што има чад, таму има и оган“, потврди и независната пратеничка Емилија Александрова, која прашана за евентуалното повторно вклучување во ВМРО-ДПМНЕ истакна дека „сите разговори вредат“, а додаде дека и самиот Мицкоски во една пригода порача дека никогаш не треба да се вели никогаш, но и дека би бил крајно несериозен ако ја отфрли можноста за враќање на овие пратеници во партијата.

– Ќе оставиме на времето да покаже дали ние како независна пратеничка група можеме да ги приближиме ставовите со опозициската ВМРО-ДПМНЕ. За тоа е потребен голем труд од двете страни, но јас се надевам дека имаме иста цел, а тоа е европската перспектива на државата – истакна Александрова.

Пред една година ВМРО-ДПМНЕ реши да ги исклучи од партијата пратениците кои гласаа за уставните промени со кои Македонија го смени името, односно ја прифати одредницата Северна. Имено, со нив беше направено двотретинско мнозинство во парламентот без кое промената не ќе беше можна.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврдат дека евентуалното враќање на „отпишаните“ пратеници во партијата не претставува ништо друго освен обична шпекулација.

– Станува збор за шпекулации и за лажни вести лансирани од СДСМ, со цел да се купи малку време и да се ублажи она што во април ќе значи огромен пораз на изборите – изјави портпаролот на партијата, Наум Стоилковски.

Тој сепак одби да одговори на прашањето што точно било разговарано на минатонеделната средба меѓу независните пратеници со највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ.

Универзитетскиот професор Јове Кекеновски вели дека воопшто не би го чудело доколку протераните пратеници бидат повторно вратени во партијата, но таквиот потег, објаснува тој, ќе претставува уште едно огромно разочарување кај членството.

– Враќањето на независните пратеници во партијата ќе биде уште еден доказ дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ и пратениците свесно договориле изгласување на уставните измени и промена на државното име. Со таквиот потег само ќе се потврди тезата дека постоел некаков договор, односно дека дел од пратениците требало да глумат предавници, а другиот дел патриоти. Поголемиот дел од партиското членство веќе е разочарано од непринципиелноста и недоследноста на Мицкоски, а ова ќе биде само капак на сето тоа. Сметам дека враќањето на „отпишаните“ би можело да се случи на неколку месеци пред одржувањето на изборите, бидејќи раководството на ВМРО-ДПМНЕ ќе сака да го искористи краткото паметење на граѓаните, но и својата манипулативна реторика – објаснува Кекеновски.

Интересно е тоа што независниот пратеник Зеќир Рамчиловиќ вчера соопшти дека излегува од пратеничката група и дека отсега ќе дејствува како независен пратеник. Тој ја потврди информацијата, но одби да каже зошто ја напушта групата и дали неговата одлука има каква било врска со најавите за повторно соединување на независните пратеници со ВМРО-ДПМНЕ. Пратеници од СДСМ и ДУИ предложиле Рамчиловиќ да биде потпретседател на Собранието и се очекуваше синоќа да биде избран на оваа функција.

Засега, во независната пратеничка група членуваат Елизабета Канческа Милевска, Владанка Авировиќ, Емилија Александрова, Нола Исмајлоска Старова, Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top