Села бара да ја знае границата меѓу Cтруга и Вевчани

Жестока реакција на градоначалникот по отстранувањето на тројазичните табли.

Триумфалната порта на влезот на општина Вевчани ќе биде урната доколку се наоѓа на територијата на општина Струга. Ќе бидат вратени и патните табели на три јазици како што стоеја порано. Ова вчера го изјави градоначалникот на Струга, Зијадин Села, коментирајќи го отстранувањето на информативната тројазична табла, пренесува Алсат-М.

„Деновиве побарав од Министерството за локална самоуправа да ми ја испратат територијалната поделба и доколку со територијалната поделба тој дел не и припаѓа на општина Вевчани, ја уверувам јавноста дека тие табели таму ќе бидат и на албански јазик и оти ќе биде урната и капијата која е направена во Вевчани. Во границата на Струга нема да дозволам да се прават такви нешта“, рече Села.

Отстранувањето на информативната тројазична табла, Села го нарече насилен чин и доказ дека Македонците имаат аверзија кон албанскиот јазик.

Новите информативни табели кои беа поставени пред неколку недели со реконструкцијата на магистралниот пат Струга-Дебар, беа и на албански јазик, но по барање на градоначалникот на Вевчани, Цветомир Угриновски, испратено до Агенцијата за државни патишта, табелата е отстранета и на нејзино место е поставена табела само на македонски и англиски. 



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top