Села и Касами нaјавуваат нови амандмани за промена на Уставот, за Ахмети засега приоритетите се НАТО и ЕУ

Зијадин Села од Алијансата за Албанците и Билал Касами од Беса не се откажуваат од дополнителни амандмани за промена на Уставот покрај оние договорени со Грција за промена на името Република Македонија..

„Сметам дека процесот на решавање на спорот името е од апсолутен приритет и тоа е најзначајниот процес од осамостојувањето до денес. Нема да дозволиме за дневно политичко профитирање да се загрози интегрирањето на Македонија во НАТО и ЕУ“, изјави неодамна пратеникот на ДУИ Артан Груби.

Од Беса и од Алијансата за Албанците засега нема најави дека тие ќе отстапат од нивното барање за додатни амандмани во уставните промени што ќе се однесуваат на позицијата на Албанците во Македонија, а тука не случајно се споменуваат точките од т.н. Тиранска платформа.

„Обезбедувањето на 2/3 од гласовите во Собранието за отворање на патот за промени на Уставот на државата е многу важен чекор не само за интеграцијата на земјата во НАТО и ЕУ, туку и можност преку логични аргументи и конкретни предлози да се интервенира во појаснување и зајакнување на правата нa Албанците во Македонија со укинување на навредливи стапки на проценти.

Верувам дека сите партии кои ја потпишаа Декларацијата во јануари 2017 година ќе стојат на зборот и ќе го променат Уставот со цел и Албанците да ја почувствуваат оваа држава како своја. Албанскиот јазик да биде службен, како што стои во Декларацијата на политичките партии на Албанците, но и што беше дел од Охридскиот договор и преамбулата или државата да биде на сите граѓани или на Македонците, Албанците и другите заедници“, изјави неодамна Биљал Касами од Беса.

Дел од точките на Тиранската платформа се однесуваат и на Уставот на Република Македонија во кој треба да се одреди дека македонскиот јазик и кирилското писмо и албанскиот јазик со своето писмо, се службени јазици во Македонија. Во тој документ потпишан од претставниците на партиите на Албанците во Македонија и од премиерот на Албанија Еди Рама се вели дека е неопходна и „сеопфатна дебата околу знамето, химната, државниот грб, со цел државните симболи да го рефлектираат мултиетничкото општество и етничката рамноправност“.

Касами вели дека сега е можноста да се донесе устав со вредносни параметри на европските држави за да се докаже дека влезот во големото семејство на НАТО и ЕУ е одраз на прозападната определба на граѓаните на Македонија.

Зијадин Села неодамна изјави дека Алијансата за Албанците при отворањето на Уставот ќе има свои амандмани.

„Уште еднаш повторуваме дека го поддржуваме договорот со Грција и членството на Македонија во ЕУ и НАТО. Имаме забелешки во делот каде се има за цел еден дел од народите да биде повеќе истакнат од другите. Мислам на делот кој е постигнат во договорот за националноста, во патните исправи, каде што стои Македонци/граѓани на Република Северна Македонија, ние ќе бараме на тоа место за нас да стои Албанци/граѓани на Република Северна Македонија и така за сите народи кои се наброени во преамбулата. Ќе бараме и во преамбулата сите народи да се чувствуваат еднакви“, рече Села.

Премиерот Зоран Заев викендов изјави дека нема да се чека крајниот рок од 15 дена за дефинирање на амандманите и дека е убеден дека ова мнзинство од 80 пратеници за уставни измени ќе расте.

„Верувам дека заеднички изготвените амандмани ќе нѐ обединат во иднина. Јас ветив на пратениците дека ке имаме инклузивен процес, па така ние од Влада ќе дојдеме во Парламентот со отприлика скицираните очекувања од самите амандмани согладно Договорот од Преспа и заедно ќе седнеме, и од власта и од опозцицијата да ги скицираме и да ги направиме нацрт-амандманите  и верувам дека ќе го направиме тоа за помалку од 15 дена“, изјави Заеви додаде дека овие амандмани ќе не обединат зашто тоа ќе ја гарантира иднината на нашата земја.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top