Села: Тачи ја приватизираше ДПА

За Села последниот извештај на ЕК е милостина за граѓаните, но и скандал за владата. Зборувајќи за меѓуетничките односи тој порача дека ако Македонците сакаат унитарна држава, мора да прифатат неколку работи меѓу кои и дводомен Парламент..

„Приватна забава на Мендух Тачи“ -  вака Зијадин Села го нарече конгресот на ДПА најавен за в недела. Струшкиот градоначалник кој ја предводи иницијативата за реформиње на ДПА вели дека ќе го оспори легитимитетот на лидерот Тачи, кој се очекува пак да биде потврден како прв човек на партијата. Според Села ДПА не треба да се сфати како партија на Мендух Тачи, туку како дух и идеја на Арбен Џафери. Во синоќешната емисија "Патот кон" на Алсат-М, Села изјави дека неговото движење за реформи добива се поширока поддршка во кое покрај членови на ДПА се приклучувале и припадници на други политички партии, чии имиња тој не ги соопшти. 

„Веќе најавив дека ќе го оспорам легитимитетот на Мендух Тачи. Сè уште не е дојден 12 октомври, а Мендух Тачи е познат по големите кривини што ги прави од 180 степени. Ќе го чекаме тој т.н. конгрес на мендух Тачи и потоа ќе му го оспорам легитимитетот. ДПА е многу повеќе од она што го претставува г-от Тачи. ДПА не е партија на хакерски лидери, ДПА не е партија која кокетира со луѓе од службите, ДПА е партија на Арбен Џафери и на луѓето кои страдале од системот и биле поранешни политички затвореници...“, рече Зијадин Села – Движење за реформи во ДПА.

За Села последниот извештај на ЕК е милостина за граѓаните, но и скандал за владата. Зборувајќи за меѓуетничките односи тој порача дека ако Македонците сакаат унитарна држава, мора да прифатат неколку работи меѓу кои и дводомен Парламент. 

„Ако Македонците сакаат да го зачуваат унитарниот карактер на државата, минимумот за унитерен карактер на државата е дводомен Парламент. Ако Македонците сакаат да го зачуваат унитарниот карактер на државата, тогаш бездруго треба контролата во вертикалата на извршната власт да му припадне на Албанец. Ако сакаат да го зачуваат унитарниот карактер на државата, тогаш треба да има добра децентрализација на власта, а не ваков вид локална власт која во зависност од етничкото мнозинство, така се однесува и централната власт“, додава Села.

Во делот на односот на ДПА кон медиумите Села ја искоментира ароганцијата на Мендух Тачи и особено неговиот однос кон Алсат телевизија велејќи дека тој одамна се дистанцирал од таквото однесување.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top