Семејството Маркоски бара помош од премиерот за да се изврши ДНК анализа во Македонија

Таткото Кире Маркоски денеска со допис се обрати до Груевски, откако барањето до Јавното обвинителство е одбиено, како што тврди..

Семејството на исчезнатата Дениса Маркоска бара од премиерот Никола Груевски помош Јавното обвинителство да издаде наредба до Институтот за судска медицина, да се изврши дополнителна ДНК анализа на телото коешто од Грција во среда ќе биде транспортирано во Македонија. 

Таткото Кире Маркоски денеска со допис се обрати до Груевски, откако барањето до Јавното обвинителство  е одбиено, како што тврди.

„Ве молиме помогнете и нашата душа да се смири, интервенирајте кај Републичкиот јавен обвинител, да ни овозможи да направиме уште една ДНК анализа, за да бидеме сосем сигурни дека во ковчегот е нашата Дениса. Вам тоа Ви значи сосем малку, а нам се, душевен мир до крајот на нашите животи. 

Ке не јаде тагата , додека сме живи, но Ве молиме барем сомнежот да не не јаде“, стои во дописот што Маркоски, денеска го испраќа до премиерот Груевски.

На семејството не им е нејасно зошто Обвинителството го одбива нивното барање, кога инсистираат да ги платат трошоците во висина од 650 евра и целата постапка да заврши.

„Ако мораме да ја живееме оваа болка, ако мораме да организираме погреб, барам да знаеме на чиј гроб плачеме. Нам ни е тешко, да ја прифатиме вистината дека телото што ке се транспортира е од нашето дете“, низ солзи, во грч зборува таткото Кире.

Тој свежо се секава на моментите кога разговарал со својата керка. Вели секогаш била радосна, весела, со планови за иднината и не можат да го прифатат фактот дека таа толку лесно посегнала по својот живот.

Дениса исчезна на 12 –ти септември во водите на Егејот во близина на Карпатос, додека бродот на којшто работела пловел на отворено море. Последен ја видел колега на бродот, како пуши цигара на палубата.

По два и пол часа таа не се појавила на работно место. Истрата со глисер и хеликоптер на грчките служби беше безуспешна, телото беше пронајдено подоцна во  фаза на распаѓање во морето. 



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top