Сенатот го изгласа Брет Кавано за судија на Врховниот суд

Сенатот го потврди контроверзниот Брет Кавано за судија на американскиот Врховен суд. Кавано беше кандидат на претседателот Доналд Трамп, а случајот длабоко ја подели американската јавност и предизвика жестоки дебати и протести во САД..

Сенатот вечерва со 50 наспрема 48 гласа го изгласа одобрувањето на Кавано, овозможувајќи му голема победа на Доналд Трамп, со што Америка го доби петтиот конзервативен судија за цела наредна генерација.

Во салата каде што републиканците држат тесно мнозинство, сите сенатори гласаа во согласност со партиските ставови, со исклучок на демократот Џо Манчин од Западна Вирџинија, кој го одобри Кавано, и републиканката од Алјаска, Лиза Мурковски, која гласаше против.

Дел од демонстрантите денеска успеаја да се пробијат и до салата во која се гласаше, па викајќи накратко го попречија процесот, а потпретседателот Мајк Пенс ги повика обезбедувачите да воспостават ред.

„Му аплаудирам и му честитам на американскиот Сенат за потврдувањето на нашиот ГОЛЕМ КАНДИДАТ, судијата Брет Кавано, во Врховниот суд на САД. Подоцна денеска јас ќе го потпишам неговото именување, и тој официјално ќе положи свечена заклетва. Мошне возбудливо!“, напиша Трамп на Твитер.

Иако беше непопуларен избор, Кавано ја имаше поддршката од републиканската база, вклучувајќи и голем дел од христијанската десница. Оваа суштинска поддршка остана цврста дури и откако Кристин Блејзи Форд, професорка во Калифорнија, јавно кажа дека пијаниот Кавано сексуално ја нападнал кога биле во средно училиште.

Номинацијата на Кавано предизвика масовни протести пред Капитол, а вчера дури и уредниците на Вашингтон пост, како ретко кога во историјата на весникот, ги повикаа сенаторите да гласаат против него.

Од листата на другите кандидати Кавано се издвојуваше по неговите невообичаени ставови за претседателската моќ: тој напиша дека верува оти претседателот не може да биде истражуван ниту суден додека е на власт. 

Ставовите на Кавано и за други прашања се екстремно десни. 

Потврдата на судијата Кавано овозможува превласт на конзервативците во Врховниот суд на подолга низа години. Ова највисоко судско тело во САД одлучува за важни прашања за американското општество како што се носењето оружје, истополовиот брак, абортусот, позитивната дискриминација и слично.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top