Северна Кореја го нарече повикот на САД за разговор бесмислен

Северна Кореја го критикуваше американскиот советник за национална безбедност Џон Болтон за „бесмислениот" повик до Пјонгјанг да покаже дека е сериозен во врска со откажувањето од нуклеарното оружје.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е отворен за трет самит со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, но Болтон во средата за Блумберг њуз изјави дека прво треба да има „јасна индикација дека Северна Кореја донела стратешка одлука да се откаже од нуклеарното оружје“.

„Болтон, советникот за национална безбедност во Белата куќа, во разговор со Блумберг се надмина себеси изјавувајќи таква глупост“, рече Чо Сон Хуи, заменик-министерката за надворешни работи на Северна Кореја, пренесе државната новинска агенција КЦНА.

„Поради истапот на Болтон се запрашав дали тоа е последица на неразбирање на намерите на лидерите на САД и Северна Кореја или тој само се обиде да се пошегува“, рече Чо Сон Хуи.

„Сè на сè, неговите зборови не се симпатични, и тој ми изгледа нејасен“, додаде таа.

Заменик-министерката за надворешни работи на Северна Кореја предупреди дека американското „расфрлање со такви оценки без дискреција и смисла“ нема да донесе добро.

Државните медиуми во четвртокот објавија дека Северна Кореја повеќе не сака Помпео да учествува во нуклеарните преговори и сака некој кој е „повнимателен и позрел во комуникацијата".

„Се плашам дека атмосферата ќе биде лоша и дека разговорите повторно ќе заглават ако Помпео продолжи да учествува во расправите“, рече Квон Јонг Ган, висок претставник на Министерството за надворешни работи на Северна Кореја, пренесе КЦНА.

Мајк Помпео во петокот рече дека американските дипломатски напори ќе продолжат да делуваат со цел постигнување денуклеаризација на Северна Кореја, на која како вели, лидерот на Северна Кореја Ким Џонг Ун се обврза во јуни минатата година.

„Ништо не е сменето. Ќе продолжиме да работиме на преговорите; сеуште сум задолжен за тимот. Претседателот Трамп секако е одговорен за севкупните напори, но тоа ќе биде мојот тим“, изјави Помпео во петокот за новинарите во Вашингтон.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top