Шекеринска: Со поканата за членство завршува 90 отсто од интеграцискиот процес во НАТО

Македонија е во последната фаза на зачленување во НАТО, а сега се зависи од Владата, опозицијата и волјата на граѓаните на референдум“..

Вака објаснува министерката за одбрана Радмила Шеќеринска на прагот на Самитот на НАТО кој ќе се одржи неделава во Брисел. Таа вели дека со добивањето покана за членство на 11 јули, завршува 90 отсто од интеграцискиот процес во Алијансата, а потоа почнува предизвикот за спроведување на референдумот и имплементирање на Договорот за името со Грција.

Според неа, за време на преговорите, Македонија ја има последната шанса за организирање и одржување на референдум, со што би се исполнил и последниот предуслов на земјите-членки на НАТО за членство на Македонија.

На денешната средба со новинарите Шеќеринска ја повика опозицијата на конструктивност за поддржувањето на референдумот и изгласување на уставните промени кои бараат 2/3 од гласовите во Парламентот. Во Владата се оптимисти дека Македонија ја има целосната поддршка на сите земји-членки на НАТО за добивање покана за да стане 30 членка на Алијансата, иако некои од членките се воздржани за интеграцијата на земјава во ЕУ.

Од друга страна, грчките медиуми пишуваат дека в среда во Брисел за време на Самитот, се очекува да биде нагласен условот членството на Македонија во Алијансата да зависи од исполнувањето на договорот за името. Според грчките медиуми, овој услов ќе биде истакнат во членовите 59 и 60 од Декларацијата на НАТО.

Но, координаторот за членство на Македонија во Алијансата, Стево Пендаровски, тврди дека формулацијата и постапките по поканата ќе бидат без услови, односно исти како за случаите кога членки на НАТО стануваа Албанија, Црна Гора и Хрватска во 2008 година. Според него, последната фаза од овој процес е ратификација на протоколот во Парламентите на државите-членки на Алијансата, по што, Македонија и официјално би станала 30-тта членка со целосни права.

„Историскиот договор на Грција и Македонија за прашањето на името покажува дека е возможно да се надминат и најдлабоките билатерални кризи сè додека расте довербата и постои политичка волја”, изјави денеска генералниот секретар на Министерството за надворешни работи на Германија, Михаел Рот. Тој во соопштението, пред состанокот на шефовите на дипломатиите на конференцијата за западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес во Лондон, истакна дека стабилноста и демократскиот развој во земјите од регионот е во интерес на Германија и на Европа.

Во Лондон престојува премиерот Заев и шефот на дипломатијата Димитров. Во рамките  на овој самит ќе се одржат три работни програми на министерско ниво за економија, безбедност и надворешната политика.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top