ШЕСНАЕСЕТ ГОДИНИ ОХРИДСКИ РАМКОВЕН ДОГОВОР

На денешен ден пред 16 години беше потпишан Охридскиот рамковен договор, политички документ за решавање на тогашната криза во Македонија..

Преговорите, кои започнаа во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, завршија со парафирање на документот на 10 август во Охрид, кој три дена подоцна беше потпишан во Скопје. Со Охридскиот рамковен договор се стави крај на воениот конфликт во Македонија во 2001 година и се постави рамка за меѓуетнички соживот.

На 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје Рамковниот договор го потпишаа тогашниот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Љубчо Георгиевски, претседателот на ПДП, Имер Имери, и тогашните претседатели на СДСМ, Бранко Црвенковски, и на ДПА, Арбен Џафери.

Потписници на договорот, во својство на гаранти, беа и специјалните претставници на ЕУ и САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју, кои учествуваа во преговорите.

Покрај потписниците, во разговорите учествуваа и Хавиер Солана, тогашен висок претставник на ЕУ за безбедносна и надворешна политика и Питер Фејт, претставник на САД, како и повеќе правни експерти, меѓу кои професорите Владо Поповски и Љубомир Фрчкоски.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top