ШТО ДОГОВОРИЈА ПРЕМИЕРИТЕ ЗАЕВ И ЦИПРАС ЗА РЕШАВАЊЕ НА СПОРОТ ЗА ИМЕТО

Премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров денес во 10 часот ќе го информираат претседателот Ѓорге Иванов за постигнатиот договор со Грција за спорот за името..

Со предложеното решение за спорот за името, што го договорија Заев и грчкиот премиер Алексис Ципрас е предвидено:

  • Име – Република Северна Македонија со превод на сите јазици, за севкупна употреба и ќе се прецизира со амандман во Уставот
  • Јазик – македонски без фуснота – потврден од ООН
  • Националност – македонска/граѓани на Северна Македонија (Macedonian/Citizens of North Macedonia)
  • Новото име Република Северна Македонија ќе почне да се употребува на меѓународен план откако договорот со Република Грција ќе биде ратификуван од парламентите на двете земји
  • На внатрешен план новото име на земјата ќе се употребува по отворање на поглавјата за преговори за членство во ЕУ, но не подоцна од пет години од потпишување на договорот
  • Договорот станува валиден кога ќе биде ратификуван од парламентите на двете земји
  • По уставните промени, кои ќе следат по евентуален успешен референдум, договорот се ратификува во парламентот во Грција. При тоа ќе се ратификува и договорот за името, но и протоколот за полноправно членство на Македонија во НАТО. Оттогаш почнува меѓународната употреба на новото име.
  • На 28 јуни годинава, Македонија треба да добие датум за почеток на преговорите со Европската унија,
  • Кодовите за Македонија остануваат мк и мкд
  • На 12 јули на самитот на НАТО Македонија да добие покана за членство во алијансата како нејзина 30-та членка.
  • Договорот ќе биде презентиран пред сите политички субјекти во државата, а потоа потпишан од претставници на двете влади, после следува ратификација во Собранието.

ВМРО-ДПМНЕ не остапува од својот став дека нема да поддржи уставни промени со цел промена на уставното име. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вчерашната прес-конференција кажа дека премиерот Зоран Заев потпишал капитулација со договорот со Грција и дека на евентуален референдум за промена на името ќе гласа против.

„Јас како Христијан Мицкоски ќе гласам против на тој таканарачен референдум. Претседателот на Владата поради неговата неспособност да ги води преговорите како што треба потпиша капитулација и ги прифати сите барања на Грција. Ако не ми верувате мене отворете ги грчките медиуми каде детално е опишано што сè е прифатено и Заев тоа шверцерски се обиде да го протне како успех“, рече Мицковски.

Од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов вчера попладне соопштија дека изјавата на Заев оти евентуалното отфрлање на договорот со Грција ќе ги загрози перспективите на Македонија за влез во ЕУ и НАТО и ќе ги зголеми внатрешните опасности претставува очаен обид за манипулација на јавноста и наведување на македонските граѓани во пресрет на евентуално референдумско изјаснување.

„Претседателот Иванов смета дека е несериозно и неодговорно е прашањето за името, кое е исклучително важно прашање за граѓаните, и наметнати технички барања да се решаваат телефонски и по пат на личен договор меѓу премиерите на на двете држави“, се вели во вчерашната реакција на Кабинетот на Иванов.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top