Што се крие зад кинескиот план за светска доминација?

Која е тајната на Кина?.

„Кина е единствената земја во светот која има геополитичка стратегија“, изјави неодамна во експлозивно интервју за Шпигл германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел. 

Тој предупреди дека Кина веќе успеала да оствари големо влијание во некои источни и јужни членки на Европската Унија „кои повеќе не се осмелуваат да донесат одлуки кои се косат со кинеските интереси“, и праша „зошто Европа не гради инфраструктура по Африка туку тоа им го препушта на Кинезите“. 

Габриел истакна и дека, благодарение на изборот на Доналд Трамп во Белата куќа и неговиот страв од меѓународната трговија, Кина стана светски лидер во поставувањето правила во таа област.

Во секој случај, иако од една страна е загрижувачко тоа што ЕУ се наоѓа во позиција во која не ја почитуваат ни Вашингтон, ни Москва, ни Пекинг, како што отворено кажа Габриел, од друга страна е освежувачко што еден толку важен европски политичар разбира што се случува во светот во 21 век, во кој многу нешта ѝ одат во прилог на Кина како нова водечка глобална сила, која своите моќ и влијание ќе ги практикува на поинаков начин од САД. Кина не ја интересира воената надмоќ и тоа на земјите низ светот да им се заканува со воена интервенција, која потоа може да се претвори во дебакл како американската во Ирак, туку сака да воспостави мека економско-политичка доминација во која никогаш нема да ѝ биде потребно да тропа со оружје за да ги оствари своите интереси.

Инвестиции во 68 земји во светот

Тие стремежи на Кина најдобро се препознаваат во мегапроектот на новиот Пат на свилата за 21 век (официјалниот назив е „Еден појас, еден пат“ или One Belt, One Road), трговски и сообраќаен коридор кој Кина треба да ја поврзе со остатокот од Азија, па со Европа и Африка, попат итро одминувајќи ја Индија, единствената друга нова потенцијална велесила на азискиот континент. Целта е преку огромни и долгорочни инвестиции во инфраструктурата да се создадат нови трговски траси по море и копно, преку кои кинеската стока безбедно и брзо ќе стигнува до истокот на Европа и североистокот на Африка и ќе ги покрива и поголемиот дел од регионите помеѓу.

Кина проектот го претстави во 2013 година, а веќе во 2015 имаше готов акциски план за создавање на новиот Пат на свилата, во кој се предвидува почетна инвестиција од 900 милијарди долари за почнување на „нова ера на глобализацијата“, додека на крајот се планирани 8 илјади милијарди долари во 68 земји од светот. Голем број од тие земји се сиромашни или економски загрозени, па евтините кинески заеми и мегаинвестиции ќе им претставуваат и сламка за спас и единствена можност за развој и раст, а за возврат нормално ќе се откажат од политиката кој би можела да им пречи на кинеските глобални интереси. И понатаму номинално комунистичката Кина всушност се води според познатиот капиталистички принцип дека треба да се потрошат пари за да се заработат, а имајќи го предвид повеќедеценискиот импресивен економски раст и огромната акумулација на богатство, официјален Пекинг има пари за трошење. Милијарди се веќе вложени во, на пример, автопатот низ Пакистан и железницата во Тајланд, но тоа е само почетокот.

Огромни зделки за западните корпорации

Земјите во кои Кина планира да инвестира во својот мегапроект за создавање на нов Пат на свилата покриваат 65 отсто од светската популација и третина од светскиот БДП. Патот на свилата би ја поврзал Кина со Танзанија, Кенија и Египет на истокот на Африка, со Европа преку Турција, Русија, Полска и Германија преку копно, додека поморската рута би водела од Италија низ Суецкиот канал сѐ до Шри Ланка и Индонезија и до низата големи пристаништа во источна Кина.

Кинескиот лидер Си Џинпинг веќе организираше неколку самити на кои нагости десетици претседатели и премиери, промовирајќи го новиот Пат на свилата како проект од кој сите ќе имаат корист. Кинеската промоција на овој мегапроект е толку разгранета што државната новинска агенција Синхуа дури сними и музички спот во кој кинеската младина одушевено пее за сите предности на новиот Пат на свилата. Песната се вика „The Belt and Road, Sing Along“ и содржи синтагми како „заемна корист, заедничка одговорност и судбината што ја делиме“.

Ќар од проектот имаат и западните корпорации, па така на пример американски Џенерал електрик доби зделка од 2,3 милијарди долари минатата година во која треба да испорача машини и механизација за големите градежни проекти. Германските ДХЛ и БАСФ исто така добија големи проекти во изградбата на Патот на свилата, а Дојче банк е веќе вклучена во финансискиот дел од осум различни делови поврзани со кинескиот мегапроект. Сето тоа се репрезентативни примери на многу поширока долгорочна стратегија чија конечна цел е на Патот на свилата сите вклучени толку да заработат што повеќе никогаш едноставно нема да им се исплати да се спротивставуваат на кинеските интереси.

Кина да го развива Патот на свилата „во духот на соработката“

Но и во спроведувањето на оваа долгорочна политика Кина мудро внимава и на своите краткорочни економски интереси. Иако не штеди на многубројните странски и локални фирми кои учествуваат во разните фази и проекти на новиот Пат на свилата, повеќето фирми кои се ангажирани сепак се кинески. Странските компании се избираат пред сѐ за оние работи кои кинеските поради неискуството или технолошката неразвиеност не се во состојба да ги изведат, но истовремено во 400 кинески компании се спроведува целена модернизација на технологијата и начинот на работење за тие во иднина да можат да го преземат поголемиот дел од работата.

Додека САД под водство на Трамп главно се занимаваат со секојдневните скандали во Белата куќа кои ги произведуваат самиот претседател и неговата хаотична екипа од најблиски соработници, ЕУ почнува да сфаќа што долгорочно и стратегиски претставува новиот Пат на свилата. Тоа го покажува и спомнатото интервју на Зигмар Габриел, како и овонеделната посета на францускиот претседател Емануел Макрон на Пекинг. Макрон во говорот во Пекинг предупреди дека новиот Пат на свилата „не смее да биде еднонасочен“, и дека таков не бил ни оној стариот. Францускиот претседател вети дека за време на својот мандат најмалку еднаш годишно ќе оди во Кина, но побара и Кина и ЕУ потесно да се координираат околу новиот Пат на свилата. Се заложи за „дух на соработка“ и јасно кажа дека новиот Пат на свилата „не смее да биде пат на хегемонијата“.

Имајќи ги предвид милијардите што Кина планира да ги инвестира низ светот, Македонија сигурно може да профитира од новиот Пат на свилата. Засега нема знаци дека тоа ќе се случи, но да се надеваме дека нашата дипломатија ќе успее да ги претстави нашите интереси на светската сцена со која сѐ повеќе доминира Кина.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top