Што сработи Заев за 100 дена - Дава ли надеж новата Влада?

По десетина години за прв пат гледаме отчет на влада кој не го води Никола Груевски кој имаше обичај на владина седница да ги испрашува своите министри кои му рапортираа за сработеното..

Сепак, Заев задржа дел од претходната иконографија, па така на прес конференцијата за сработеното во првите 100 дена влада беше опкружен со целиот владин тим.

Премиерот Заев ги претстави најзначајните одлуки кои Владата на Република Македонија ги донесе во своите први 100 дена на владеење пред се во економијата, социјалата, но и во надворешната политика. Зборот е збор, потсети Заев со цел да нагласи дека новата влада има намера да ги оствари своите ветувања.

- Ја вративме слободата во земјата, го враќаме и животот. Отчетот за 100 дена влада го правиме во пресрет на Денот на независноста на Република Македонија, празник што ќе го прославиме со повикот „Македонија слободна – слободно живее“! Заедно дефиниравме дека се бориме за слободен и подобар живот за сите нас, во општество за сите, декларативно изјави Заев пред да ги наброи сите донесени мерки.
Сепак, една влада не е оценувана само според отчетот и мерките кои ќе ги наведе како спроведени туку и според впечатокот кој го остава пред јавноста, особено кај гласачите кои и дале доверба дека ќе воведе промени. Овие 100 дена најважно е што поминаа безбедно и се оствари мирен трансфер на власта по кулуминацијата на политичката криза и крвавиот упад во Собранието на Република Македонија. Позитивна е и надворешната политика каде по подолго време Македонија гордо настапува на сите регионални и светски важни настани, а министерот за надворешни работи како и премиерот ги добиваат сите симпатии на меѓународната заедница. Исто така договорот за добрососедство со Бугарија беше изгласан доста безболно иако се изгубија неколку политички поени на дневна основа со обвинувањата на опозицијата дека е акт на предавство на државните интереси но, тоа е веќе завршена приказна.

Тука може да наброиме и повеќе позитивни мерки и изгласани закони во малиот временски рок кои ќе им донесат бенефити на граѓаните, но тие се веќе добро познати, па да се префрлиме на „лошото“.

За жал СДСМ и владината коалиција не прикажа голема гранитност и кохерентност, не сите министри и министерства работат со исто темпо и не сите владини институции навремено добија нови раководства за да се спроведуваат новите планирани политики.

На Македонија и е потребно лидерство, јасна визија и прецизни програми за работа. Добро осмислени партиски флоскули за чиновнички процедури кои се вообичаени не може да го убедат народот дека постои шанса да го подобриме заедничкото живеење и конечно да седнеме и да ги решаваме проблемите како една нормална, демократска и функционална држава каде нема да се чека само на партиската директива и врвот на владата за да се преземаат иницијативи и да се наоѓаат решенија.

Извор: Фактор


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top