Што всушност значи „крунисувањето на Ердоган“ за некогаш секуларната Турција?

За помалку од сто години, Турција е на крстопат да се редефинира - пак..

Минатиот пат мистериозниот водач, Мустафа Кемал Ататурк, го прогласи формирањето на секуларна Република Турција, по распаѓањето на Отоманската Империја, како резултат на Првата светска војна. Овој пат, популистот Реџеп Таип Ердоган вети дека ќе ги ослободи турските жители од секуларните принципи воведени од Кемал Ататурк и од укорите на Европската Унија и дека ќе ги врати загубената слава и почит што Турција ги имала под отоманските султани.

Коцката е фрлена и повеќето луѓе гласаа „да“ во корист на предложените измени на турскиот устав. Сега што? Во кој правец веројатно ќе тргне „најсовремената“ земја со големо муслиманско мнозинство?

Дали ова е оддалечување од демократските и секуларни вредности што Ататурк ѝ ги донесе на нацијата? Дали е повторен официјален почеток на автократија, зашто референдумот е за промена од парламентарен во моќен претседателски систем? Треба ли Турците што живеат во и надвор од Турција а гласале „не“ да бидат загрижени? Или ова треба едноставно да се гледа како моментална победа на еден самоопседнат политичар? Какви промени всушност на 79-те милиони жители на Турција ќе им донесе новиот Устав од 18 члена, кој ќе го замени сегашниот, донесен во 1982 година?

Претседателот ќе има посилна извршна моќ да именува истакнати функционери, меѓу кои и министрите. Ќе може да именува еден или повеќе потпретседатели, а функцијата на премиерот, која моментно ја врши Бинали Јилдирим, се укинува. Тој ќе може да го распушта парламентот по своја волја, да издава извршни декрети и да воведува вонредна состојба.

Ќе биде „потресено“ и судството, кое Ердоган го обвинува дека е под влијание на поддржувачите на неговиот поранешен сојузник, а сега противник, имамот Фетула Ѓулен, кого го обвинува и за организирање на неуспешниот воен удар во јули минатата година.

Претседателот и парламентот заедно ќе можат да изберат четири члена на Врховниот одбор на судии и јавни обвинители - клучен судски орган што ги именува и ги разрешува луѓето во судството.

Воените судови, пред кои им се судеше на офицерите, а кои му изрекоа смртна казна на поранешниот премиер Аднан Мендерес, по државниот удар во 1960 година, ќе бидат забранети.

Се предвидува можноста за воведување вонредна состојба во случај на „бунт против татковината“ или „акти на насилство што ја довеле земјата во опасност“, пренесува Франс прес.

Вонредната состојба првпат ќе се воведува на шест месеци, за разлика од сегашните три, а потоа парламентот по барање на претседателот ќе може да ја продолжува на по четири месеци.

И бројот на пратениците нема да биде ист - ќе се зголеми на 600 од 550. Ќе биде намалена и старосната граница за влез во парламентот - од сегашните 25 на 18 години.

Парламентарните избори ќе се одржуваат на секои пет години, наместо на секои четири, а истиот ден ќе се одржуваат и претседателските избори.

Парламентот и понатаму ќе има овластување да донесува, да менува и да укинува закони. Доколку претседателот биде обвинет или осомничен за некое кривично дело, парламентот може да побара истрага.

Претседателот мора да биде турски државјанин, на возраст од најмалку 40 години, и може да биде член на политичка партија.

Овие промени ќе му овозможат на Ердоган да стане лидер на владејачката Партија на правдата и развојот, во чие формирање учествувал.

Ердоган беше избран за претседател во август 2014 година, откако помина повеќе од една деценија како премиер.

Новиот устав предвидува дека следните претседателски и парламентарни избори ќе се одржат на ист ден, на 3 ноември 2019 година.

Претседателот може да има максимум два петгодишни мандати, така што Ердоган би можел да остане на власт дури до 2029 година, вели Франс прес.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top