Шварц-Шилинг: Квинтата ризикува хаос во БиХ

Поранешниот висок претставник во БиХ, Кристијан Шварц-Шилинг, смета дека амбасадорите од земјите на квинтата (петорката) би требало веднаш да се состанат и да донесат соодветни мерки за да извршат притисок парламентот на Република Српска.

„Мислам дека конечно е потребна одлучна и ефикасна реакција. Отсекогаш предупредував дека Додик сериозно мисли во врска со тоа што го изјавува и дека тоа не може да се зема здраво за готово. Овие заклучоци на НСРС се резултат на тоа што претходно не се реагирало кога Додик носел некои слични заклучоци“, вели Шварц-Шилинг.

Германскиот политичар тврди дека со усвоените заклучоци на НСРС се дерогираат државата и Уставот на БиХ. Прашан како би требало да изгледа реакцијата на меѓународната заедница, Шварц-Шилинг вели дека механизмите се познати.

„Америка веќе демонстрира како оди тоа воведувајќи санкции кога станува збор за Додик, кој е на црната листа. За жал, ЕУ го пушта да прави што сака. Сега навистина мора да се постапи одлучно кон РС да ги повлече овие заклучоци, кои, ако се толерираат, ќе имате почеток на хаосот со уште поопасен развој на настаните во БиХ“, предупредува тој.

Според Шварц-Шилинг, ОХР, правно гледајќи, може и сам да реагира, но земајќи ги предвид околностите и развојот на настаните, тоа би морало да го направи управниот одбор на Советот за имплементација на мирот. НСРС усвои заклучоци според кои, меѓу другото, претставниците на РС во инстутциите на БиХ се обврзуваат да го прекинат донесувањето какви било одлуки во органите на БиХ до усвојување на законот за престанок на мандатот на странските судии во Уставниот суд на БиХ и до неговото стапување во сила.

Освен тоа, сите институции на РС се обврзуваат да не прифаќаат и спроведуваат никакви идни антидејтонски и недемократски одлуки на високиот претставник и на Уставниот суд на БиХ.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top