Шведскиот обвинител поднесе барање за апсење на Асанж поради обвинувањата за силување

Шведскиот обвинител кој поведе истрага за обвинувањата за силување против основачот на Викиликс Џулијан Асанж денес поднесе барање до локалниот суд за негово апсење во отсуство..

Доколку е одобрено, судскиот налог ќе биде прв чекор во процесот Асанж да биде екстрадиран од Велика Британија, каде што отслужува казна 50 недели затвор поради непочитување на условите на кауција.

Минатата недела Шведска повторно ја отвори истрагата за обвинувањата за силување. Истрагата беше првпат покрената во 2010 година, но во 2017 година е прекината откако Асанж се засолни во амбасадата на Еквадор во Лондон.

Асанж, кој го негира обвинението, по 7 години поминати во амбасадата минатиот месец беше уапсен во Лондон.

„Барам Окружниот суд да го приведе Асанж во негово отсуство, поради основана причина за сомневање за силување“, изјави денес заменичката на главниот обвинител Ева Мари Персон, пренесе Ројтерс.

Таа рече дека ќе издаде европска потерница за Асанж да ѝ биде предаден на Шведска ако судот одлучи да го уапси.

Одлуката на Шведска за повторно отворање на истрагата за силување води кон сомнеж за тоа каде Асанж може да заврши, властите на САД веќе бараат негова екстрадиција во врска со обвиненијата за заговор во врска со едно од најголемите објавувања на доверливи информации.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top