„Си-Ен-Ен“ поднесе тужба против Белата куќа

Во обвинението стои дека администрацијата на Трамп ги нарушила уставните права на новинарот Џим Акоста.

Телевизиската мрежа „Си-Ен-Ен“ поднесе тужба против администрацијата на Трамп во обид да го врати пристапот до Белата куќа на новинарот Џим Акоста чии акредитации беа одземени претходната неделава. Тужбата беше поднесена во Окружен суд во Вашингтон.

„Непрописното одземање на акредитациите го крши правото на слободата на печат на „Си-Ен-Ен“ и на Акоста кои произлегуваат од Првиот амандман за слободата на печатот и Петтиот амандман за правото на правичен процес“, стои во соопштението на „Си-Ен-Ен.“

Акоста е познат по неговите тешки прашања за претседателот Доналд Трамп и за други виши претставници од Белата куќа.

Администрацијата на Трамп минатата недела ја одзеде акредитацијата на Акоста. Потегот дојде откако Акоста го оспори ставот на Трамп дека караванот на мигранти од Централна Америка е „инвазија“.

Белата куќа исто така го обвини Акоста за „ставање на неговите раце“ врз помошничка од Белата куќа кој се обиде да го одземе микрофонот од него. Видеото покажува дека Акоста не беше агресивен со помошничката.

Здружението на дописници од Белата куќа објави дека „силно го поддржуваат „Си-Ен-Ен“ во напорите за враќањето на акредитивите за Акоста.

Портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс преку соопштение ја отфрли тужбата на „Си-Ен-Ен“ и рече дека Белата куќа целосно стои зад својата одлука да ги одземе акредитациите на Акоста.

По влегувањето на политичката сцена во 2015-та година, Трамп редовно врши вербални напади врз новинарите и новинските куќи за кои смета не известуваат фер. Некои од новинските организации дури ги нарече „непријатели на народот“.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top