СЈО: Се разоткрива империјата на Камчев и Мијалков, парите ги переле во офшор компании, па ги враќале дома!

СЈО го стега обрачот околу бизнисменот Орце Камчев и неговиот некогашен бизнис партнер и поранешен прв човек на УБК, Сашо Мијалков, разоткривајќи ја нивната „Империја“, градена повеќе од една деценија..

По три месеци истрага, од СЈО откриваат дека имаат голем број на материјални докази, неколку сведоци, легално прислушувни разговори на дел од осомничените, со кои ја разоткриваат криминалната шема, а со која наводно переле пари, на штета на државата, а во корист на сопственото банкарско салдо. Засега сомнежот е дека се „испрани“ или злоупотребени околу 10 милиони евра.

Во центарот на вниманието на истражителите од СЈО биле петнаесетина македонски фирми, кои се основани или се во сопственост на странски компании, а регистрирани на адреси на Сејшели, Панама, на Британските Девствени Острови, Белизе и на други локации во САД. Низ нив се свртеле милиони, а зад дел од нив се криело името на Камчев, или на негови блиски соработници.

-Дел од сведоците зборуваат без страв и сокривање, но еден дел бараат да бидат загрозени, па дури им е страв да сведочат и со таков статус, брифираат од СЈО.

Инспирацијата за овој случај, пак, обвинителството ја црпи од Влатко Мијалков, брат на поранешниот директор на УБК, Мијалков. Односно слушајќи ги неговите телефонски разговори во „бомбите“, каде што самиот имал статус на таргет, но и останатите таргети, како Ана Камчева, Миле Јанакиески и Оливера Трајковска, а додека зборувале со Орце Камчев, Кристина Камчева, Ненад Јосифовиќ и други соговорници.

ЛАЖНИ СТЕЧАИ

Стартот за обвинителството бил спорниот плац зад Рамстор, но потоа почнале да копаат во минатото, се навраќајќи се на стечаите на неколку компании кои биле во сопственост на сега покојниот Илија Камчев.

Уште во 2002-2003 година се појавил сомнеж дека се избегнува данок кон државата во износ на 5,9 милиони евра, а кој наводно требало да се затскрие со стечај на фирмите меѓу кои биле „Орка спорт“, Орка текстил“ и „Орка холдинг“. Парите преку лажните стечаи се изнесувале надвор од државата, а потоа повторно се враќале назад, но „испрани“.

Имено, 75% од компанијата „Орка холдинг“ била дадена по залог на компанија од САД, „Global Finance Group LLC“, за која компанијата „Орка холдинг“ требало да изработи униформи, но имала и побарување за консултантски услуги. Набргу фирмата била донесена пред стечај, а на ваквата ситуација алармирал тогашниот директор на УЈП, Горан Трајковски, кој предупредувал да не се затвораат фирмите бидејќи многу должат за данок, но и имаат имот од кои може да се наплати, но сепак никој не го послушал. Така кај дел од доверителите завршиле конци, патенти, спортска опрема, а најголем дел од колачот лапнала компанија од САД,„Global Finance Group LLC“, на која подоцна полномошник се јавува шоферот на Камчев. Оваа странска компанија се јавува и како основач на македонските компании „Мала Богородица ДООЕЛ Скопје, „МОНТ КОМ ДООЕЛ“, „О.К. ИДЕА ДООЕЛ Скопје“ и на „Орка спорт ДООЕЛ“.

За овој случај, во тоа време, истрага отвора и обвинителство, а дел од обвинителите биле упорни случајот да се истера до крај, но сепак финишот бил запирање на истрагата поради немање на доволно докази.

ФАМОЗНАТА ЕКСИКО БИЛА НА КАМЧЕВ

Вториот дел од истрагата на СЈО е насочен на периодот од 2009 година, кога се отвораат нови фирми во Македонија, нови офшор компании, преку кои се перат парите, а потоа повторно влегуваат во Македонија, како основачки влогови за фирмите. Централниот дел го зазема фирмата „Ексико“, која поседуваше акции во големи акционерски друштва и купуваше плацеви на Водно.

Иако оваа компанија истражувачките новинари во Македонија ја врзуваа со Мијалков, но сепак сите патишта на СЈО водат кон Камчев. Поточно, оваа компанија ја основа „DELTA INVESTMENT LTD“ од Белизе, чиј сопственик пак бил Илија Камчев, а требало да служи за фискализација. Во еден период Камчев, компанијата му ја препушта на Жарко Луковски, но потоа пак се враќа во рацете на Камчев, бидејќи ја купува офшор компанијата „CALVUS LLC“, која исто така била во сопственост на Камчев. Од оваа фирма на сметка на „Ексико“ се слеваат 1,6 милиони евра прилив од странство. Дел од парите завршуваат на сметка на Камчев, а со дел се купува имот во Гевгелија, на кој треба да се градат казина. Според сознанијата на СЈО, Камчев живее во куќа на „Ексико“, а на компанијата е и еден дел од куќата на Мијалков.

Денеска сопственик на „Ексико“ е фирма со швајцарски капитал „T&MJ Investment“ од Лугано, а зад која според сознанијата на СЈО стои член на семејството Мијалкови.

СЈО открило дека во еден период, Камчев бил сопственик и на компанијата „Финзи“ со седиште во САД. Оваа компанија, односно фирма ќерка во Македонија, е под лупа на СЈО и за предметот „Трезор“, за спорна набавка на опрема за МВР, каде што еден од обвинетите е Мијалков.

Во Скопје 2009 година се основа компанијата „Финзи“, со сопственик Владислав Стајковиќ, која добива прилив од 650.000 евра од мајката фирма во САД. Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина Кардиологија“, фирма која подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ (Систина, Финзи, Кара).

И ИЗМАМАТА СО „ФЕРШПЕД“ ВО РАЦЕТЕ НА СЈО

СЈО ја истражува и измамата која наводно и била направена на Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во Фершпед поради долг во Еуростандард банка. Таа преку посредник побарала кредите од Стопанска банка АД Битола, а Камчев, кој е дел од Управниот одбор, наместо кредит, според СЈО, и понудил друг начин на исплата на средствата, по што би биле ослободени нејзините акции.

Но откако наводно за нејзината намера дознал Штерјо Наков, побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Трајковска за продажба на акциите формирала фирма со нејзината ќерка, а за управител бил поставен Ненад Јосифовиќ. Тој, без нејзино знаење, како што велат од СЈО, ги продава акциите на фирми и лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена. Парите од зеделката завршуваат во фирмите Ексико, Орка Холдинг и Тимох.

СЈО истражува и за „Бетон Штип“, од каде што сметаат дека Камчев ја купува компанијата за да испумпува пари од неа.

За потребите на истрагата „Империја“, дел од осомничените од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година биле под посебни истражни мерки, односно легално со налог на судот биле прислушувани нивните телефонски разговори.

Освен Камчев и Мијалков, во овој случај осомничени се и Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски.

Засега неизвесно е дали СЈО ќе може да покрене обвинение за овој случај, поради нерешениот статус на обвинителството, за што се чека новото законско решение, но и правната заврзлама која дополнително ја предизвика Врховниот суд. Сепак од СЈО истакнуваат дека веќе се собрани 90 проценти од доказите, поради што случајот треба да се истера до крај, независно дали од специјалното или редовното обвинителство.

Извор: Фокус


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top