Скопје ги прославува поканите во НАТО и ЕУ

Во Скопје добивањето на покана за НАТО се прославува во Градскиот парк, кај Школка..

Прославата ја почна група Quepurdat , а ќе настапат и Кирил Џајковски и Архангел. На присутните им се делеа бели балони и знаменца со натпис „Одиме напред, Македонија во НАТО и ЕУ“.

Со скопјани прославуват вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за надворешни работи Никола Димитров, претставници на дипломатскиот кор.

– Многу години имавме чувства дека ја пропуштаме секоја шанса и дека лоши работи се случуваат на државата и на граѓаните. На сите нас ни е доста од лоши вести од трауматични искуства. Да кажеме дека кога сме заедно, кога знаеме што сакаме дека навистина можеме да покренеме планини. Чувството на сите денеска во различни градови низ Македонија е токму тоа, сакаме добри вести и сакаме резултати. Заедно можеме да ги оствариме – изјави Шекеринска.

Таа очекува доколку сите работи се направат како што треба Македонија следната година да стане земја членка на НАТО.

– Ако не го губиме времето, ако не дадеме шанса на политикантите да ни ги носат политичките одлуки, туку на граѓаните следната година шансите се големи Македонија да стане земја членка на НАТО -рече Шекеринска.

За министерот Димитров пред нас имаме голема историска година со големи крстосници.

-Многу чекавме. Од 1993 година сакаме да влеземе во НАТО, 25 години поминаа, 10 години откако не успеавме во Букурешт. Голема историска година имаме пред нас со големи крстосници. Успеавме прашалниците за тоа кои сме дали сме Македонци, дали зборуваме македонски јазик да ги затвориме. Тие сме. И успеавме да изградиме пријателство со три држави со кои имаме деликатни односи историски. Од тензии си направивме пријателство и другарство и благодарение на тоа ни се отвораат патиштата за НАТО и си имаме големо ветување за во јуни 2019 за ЕУ – изјави  Димитров.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top