Следната недела средба Заев-Ципрас, уште еден обид за решение за името

Следната седмица, на 17 мај во Софија, ќе се сретнат македонскиот и грчкиот премиер Зоран Заев и Алексис Ципрас, како продолжение на обидите да се изнајде решение за спорот со името..

Заев во април годинава изјави дека кога јавноста ќе чуе најава за нивна нова средба, тоа би значело дека има шанси да се постигне достоинствено решение за државата.

Средбата на македонскиот и грчкиот премиер доаѓа по вчерашната средба на шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција Никола Димитров и Никос Коѕијас, под покровителство на медијаторот Метју Нимиц.

– Средбата можам да ја карактеризирам како многу сериозна, работевме напорно, на моменти интензивно. Направивме одредена позитивна работа. Двајцата министри ќе ги брифираат премиерите во подготовките за нивната средба во Софија следната седмица на 17 мај. Во основа ова е пораката што ја имам, рече Нимиц по средбата.

Разговорите и преговорите во хотелот во Сунио на министрите Димитров и Коѕијас со специјалниот претставник на ОН Нимиц, траеа речиси шест часа.

Во пресрет на вчерашната средба на шефовите на македонската и грчката дипломатија со медијаторот Метју Нимиц, грчките весници „Катимерини“ и „Та неа“, во нивните изданија објавија слични анализи, околу можно сценарио за постигнување договор и одреден временски период за ратификација од македонска страна.

Да ѝ се даде доволно време на Македонија за да го одобри ерга омнес и да направи уставна ревизија предвидува сценариото што според „Катимерини“, во последните денови се разговара меѓу Атина и Скопје.

– Врз база на ова сценарио, кога ПЈРМ ќе ги одобри овие две предвидени точки, особено важни за Атина, тогаш автоматски соседната земја ќе се приклучи во НАТО и ќе ги започне пристапните разговори со ЕУ (секако, доколку Брисел упати соодветна покана), пишува „Катимерини“.

Со слично сценарио, но со додатна информација за временски рок од две години за имплементација, излезе и грчкиот весник „Та неа“.

Постигнување договор сега и постепено комплетирање за две години се двете карактеристики на сценариото што се наоѓа на маса кое го објави грчкиот весник „Та неа“ во неговото вчерашно издание.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top