Случај „Рекет“ - никој од невладината на Боки 13 не знае ништо

Три лица денеска на распит кај обвинителката Вилма Рускоска во рамките на истрагата за случајот „Рекет“..

Дика повеќе од два часа се задржа во зградата на Обвинителството а на заминување не беше расположена да одговара на новинарските прашња. Кусо изјави дека не знаела за криминалите на Бојан Јовановски - „Боки 13“ но и не знаела и каде завршиле парите уплаќани на сметката на организацијата каде таа е на една од раководните функции.

Изјавата речиси идентична со останатите членови на невладината кои досега беа на распит - почесниот претседател Фросина Ременски, финансискиот координатор Јованка Кухар и пензионерката Лилјана Тодоровска со што се добива впечаток дека никој ништо не знаел во невладината организација ниту пак го интересирало како работи, што се случува со проектите и каква е финансиската состојба.

Истрагата за „Рекет“ се прошири и на невладината организација на Јовановски на која двајца бизнисмени - Силјан Мицевски и Ардијан Амзовски уплатија речиси еден милион евра за фамозниот проект „ старечки домови“.Двајцата веќе беа повикани да сведочат, а Мицевски даде контрадикторни изјави за тоа каде ги уплатил парите - 723 илјади евра.

Попладнево на распит беше бизнисменот Зоран Азманов, кој веќе има дадено изјава во рамки на истрагата. Тој беше мета на Јовановски уште во јануари годинава, кога беше најавувана фамозната емисија „Инсајдер“ за градежната мафија во Македонија. Азманов уште тогаш кажа дека Јовановски се обидел да му изнуди 50 илјади евра за да не ја емитува емисијата а му се заканувал со наводни документи од СЈО и Финансиската полиција и пријави во МВР.

Тој нагласи дека денеска бил повикан за да го дополни искзот и ги повтори тврдењата кажани на прес конференцијата на почетокот на годинава.

„Најавата на таа емисија беше безобрана, без да ти дадат право да кажеш ни еден збор во одбрана. Во телефонски разговор го прашав од каде имаш ти право да правиш таква емисија и од каде имаш сознанија дека јас сум градежната мафија, а немам ниту еден бизнис со државата, тој ми рече да не се секирам затоа што имал информации од Финансовата полиција и од СЈО, ги имал сите документи и немал потреба ништо да истражува“ рече Азманов по распитот.

Според Азманов, „Рекет” е несреќен случај, во кој Бојан Јовановски ја користел моќта на медиумот за да изнудува пари.

Од обвинителството ниту ги демнатираа ниту ги потврдија шпекулациите дека при претресите а подоцна и вештачењето во мобилниот телефон и лап топ компјутерот на Јовановски и на неговото биро биле најдени снимки од СЈО и документи на Финансиската полиција.

Денеска на распит била повикана и вработена во слонот за мебел од каде што Јовановски го набавил каучот кој беше запленет во домот на Јанева при нејзиното приведување.

Во рамките на истрагата за случајот „Рекет“во Обвинителството за организиран криминал досега сведочеа бизнисмените Мицески и Амзоски, водителката Лила Филиповска, пратениците Фросина Ременски и Александар Кирацовски и обвинителите од СЈО - Лиле Стефанова, Елизабета Јосифовска и Бурим Рустеми.

Судија на претходна постапка во скопскиот кривичен суд, денеска го одби барањето на бранителите на Катица Јанева за укинување на нејзиниот притвор. Адвокатката на Јанева, Ирена Фрчкоска, побара укинување на притворот, за што беше понуден недвижен имот на нејзините деца како гаранција.

„По разгледување и ценење на предлогот и мислењето од надлежното обвинителство, судија на претходна постапка донесе решение со кое предлогот за укинување на мерката притвор со определена гаранција се отфрла како недозволен, а предлогот за определување мерки за претпазливост се одбива како неоснован“, соопштија од Судот.

Кривичниот суд завчера, два дена пред истекот на притворот, ѝ одреди нови 30 дена на Јанева која е во истражниот затвор „Скопје“, како третоосомничена со случајот „Рекет“. Таа се сомничи за злоупотреба на службената положба и овластување.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top