СМК - Австралија прати писмо до Христијан Мицкоски!

Писмо до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Почитуван господине Мицкоски,

Македонците во Австралија се загрижени за политичката криза во Македонија, посебно со потпишувањето на Спогодбата Димитров-Коѕиас.

За Македонците во татковината и во светот, Спогодбата Димитров-Коѕиас за промена на името и идентитетот е ништовна и ја сметаме за велепредавство на државата и нацијата!

Со оваа Спогодба се врши геноцид и злосторство врз еден суверен народ!

Оваа Спогодба е срам за меѓународното право!

Ова е најсрамен ден во историјата на Македонија после 10 август 1913 година!

Вознемирени сме и огорчени, бидејќи со спогодбата Димитров-Коѕиас: Се бара промена на името, историјата и културата на Македонија; се забранува употреба на придавката македонско и шеснаесет-зрачното златно-жолто сонце од сите државни органи, установи и јавни површини; се менуваат личните карти, пасошите, возачките, регистарските таблички, изводите од матичните книги на родените, венчаните и умрените; спомениците кои не можат да се демонтираат или дислоцираат треба да се обележат со табличка со натпис дека се дел од грчката култура; Атина добива право да врши ревизија на сите учебници, карти, историски атласи и наставни програми според грчката политичка историја за Македонија; Егејскиот дел на Македонија станува дел од елинската цивилизација од антиката до денес; Македонија се откажува од Македонците во соседните земји на Републиката и во светот; насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија од Балканските и Граѓанската војна во Грција не постојат; се забранува употребата на македонската топонимија за Егејскиот дел на Македонија…

Спогодбата не признава Македонски народ, туку македонско државјанство на Северна Македонија.

Спогодбата Димитров-Коѕиас е во спротивност со Уставот и законите на државата Македонија и со меѓународното право.

Ова не е Спогодба, туку Наредба на Атина за самоукинување на Македонската држава и нација, со неа Атина треба да стане администратор на нова држава!

Жалиме што кај нас во Македонија се заборава дека по меѓународно право националноста не се определува според договор, туку врз основа на името на државата. Промената на името на државата, по автоматизам значи трајна промена на националноста!

Почитуван господине Мицкоски,

Светскиот Македонски Конгрес – Австралија повикува да не се шири дефетизам дека името е сменето. За нас ништо не е готово, Македонија и натаму останува Македонија, само Македонија и ништо друго освен Македонија!

Точно, дека Спогодбата е само потпишана и тоа од лице без активна легитимација, бидејќи не е надлежен министерот за надворешни работи или премиерот, туку претседателот на Републиката, само тој склучува меѓународни договори од ваков карактер, но ќе влезе во сила откога грчкиот парламент ќе ја ратификува со три петини гласови 180 од вкупниот број пратеници 300, а дотогаш треба да се изврши: (1) ратификација во Собранието на Македонија, (2) Претседателот на Републиката да го потпише Указот за прогласување на законот за ратификација на Спогодбата, (3) да се одржи референдум за промена на името со мнозинство од вкупниот број избирачи, и (4) да се смени Уставот со дво-третинско мнозинство гласови 80 од вкупниот број пратеници 120, што е невозможна мисија!

Светскиот Македонски Конгрес – Австралија повикува на семакедонско помирување и обединување, во татковината и во светот, на меѓусебна координација и соработка, бидејќи во единството е силата и победата на нацијата!

Лицата кои склучија и ќе ја ратификуваат спогодбата Димитров-Коѕиас веруваме дека ќе бидат изведени пред судот на правдата, народот и историјата, и најстрого казнети, со доживотен затвор и конфискација на целиот имот на семејството, дома и во светот, за сторени кривични дела: повреда на угледот на Република Македонија, излагање на подбив на Македонскиот народ и припадниците на заедниците, велепредавство, загрозување на независноста, терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, здружување заради непријателска дејност, злоупотреба на службената положба и овластување, и самовластие од Кривичниот законик на Република Македонија! Нека никој не се лаже дека ова е само реторика, кога и да е ќе одговараат!

Македонците во татковината и во светот, Македонците во Австралија отфрлаат промена на Уставот, ратификација на Спогодбата Димитров-Коѕиас и референдум заради промена на името на државата и идентитетот на нацијата!

Сметаме дека рашањето за името е затворено со референдумот од 8 септември 1991 година, кога Македонците, по род и државјанство, во апсолутно мнозинство гласаа за “СУВЕРЕНА И САМОСТОЈНА ДРЖАВА МАКЕДОНИЈА без додавки и без придавки, а одлуката на референдум по Устав е задолжителна за сите, без исклучок! Нов референдум за името на државата нема да биде референдум за негова одбрана, туку за негова трајна промена! Затоа, Светскиот Македонски Конгрес – Австралија повикува на бојкот на референдумот кој Заев планира да го организира, нашиот слоган е: “Прашањето за промена на името и идентитетот не заслужува одговор!“

Од пратениците бараме да не ја ратификуваат Спогодбата Димитров-Коѕиас, а од претседателот на Републиката да не го потпише Указот за погласување на Законот за нејзина ратификација и при повторно гласање во Собранието! Без потпис од Претсадателот на Републиката, Спогодбата Димитров-Коѕиас не постои!

Почитуван господине Мицкоски,

Претседателот на Републиката и пратениците имаат историска одговорност или ќе останат запаметени во историјата како спасители на државата и нацијата или ќе бидат соучесници во велепредавството на Владата!

Македонците во татковината и во светот, во апсолутно мнозинство, отфрлаат пристапување на Македонија во сојуз со Европската Унија и НАТО Алијансата поради антимакедонизмот на Грција и Бугарија, грчкиот и бугарскиот геноцид врз Македонскиот народ, наци-фашистичкото барање на Грција за промена на името на државата Македонија и наци-фашистичкото барање на Бугарија за промена на јазикот, културата и историјата на Македонскиот народ, како вредност за солидарност на Брисел и Стразбур со Атина и Софија! ЕУ и НАТО не се достојни за промена на името на државата и идентитетот на нацијата!

Македонците во татковината и во светот, бараат Претседателот на Републиката да објави безусловен крај на преговорите за разликата за името на државата, бидејќи по Устав тој ја претставува државата дома и во светот, и за тоа, со нота да го извести Генералниот Секретар, а до Генералното Собрание да достави Резолуција за продолжување на членството во Обединетите Нации под единственото државното име Македонија, со можност за употреба на уставната додавка “Република“ како јасна разлика од истоимената северна провинција во Грција и југо-западна провинција во Бугарија, без латинична транскрипција на Македонскиот јазик (Republika Makedonija) туку на англиски јазик Republic of Macedonia, со меѓународниот код МК односно МКД и нотификација на Македонскиот народ и јазик на англиски Macedonian people и Macedonian language, независно од историските хипотеки на Балканските војни 1912-1913 година – окупацијата врз Македонија и геноцидот врз Македонскиот народ што се’ уште траат!

Македонците предлагаат историско македонско-грчко помирување и Договор за траен мир и добрососедство меѓу Македонија и Грција, но врз принципот на еднаква сувереност, што подразбира заемно почитување и разбирање, соработка по сите прашања од заеднички интерес, со немешање во внатрешните работи, но на реципроцитетна основа!

Бараме распуштање на Собранието и вонредни парламентарни избори!

Ги повикуваме постојаните земји членки на Советот за безбедност на Обединетите Нации да стават вето на Спогодбата Димитров-Коѕиас, бидејќи е во спротивност со одлуката на референдумот од 8 септември 1991 година, Уставот и законите на државата Македонија и со меѓународното право!

Ве молиме, имајте ги предвид наште ставови во градењето на стратегијата и политиките за Македонија и Македонскиот народ во ова време на искушенија и предизвици!

Нека Господ Бог ги благослови Македонците каде и да се!

Сите Македонци еден за друг и Македонија вечна од исконот до бескрајот! Амин!

Верувајте во себе и ќе победиме!

Да живее Македонија!

Ко-претседатели на Светскиот Македонски Конгрес – Австралија

и пот-претсдетели на Светскиот Македонски Конгрес

Џим Стефановски и Горан Котев



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top