СМК ја отфрла декларацијата на СДСМ за рушење на споменикот на Александар Македонски на скопскиот плоштад

Светскиот македонски конгрес со индигнација ја отфрла декларацијата на СДСМ во намерата за рушење на споменикот на Александар Македонски на скопскиот плоштад и за евентуална промена на имињата на истоимениот аеродром и автопат..

Ова денеска на прес-конференција го изјави претседателот на СМК Тодор Петров, истакнувајќи дека таа тенденција Македонците во светот ја сметаат за национална штетна и опасна по идентитетот на нацијата и името на државата.

– Саркастично звучи алибито за рушење на веќе изградените вредности на македонскиот народ заради наводно „подобар и подостоинствен живот, но и заради прехрана на семејствата“ од партијата која го продаде името на државата и го смени знамето на земјата. Македонците во светот со воодушевување го поздравија споменикот на Александар Македонски на плоштадот „Македонија“ и се во очекување на споменикот на Филип Втори Македонски, рече Петров.

Од СКМ апелираат СДСМ да престане со сервилната идентитетска политика на македонскиот народ кон Белград и Атина кои во сојуз по балканските војни го затвориле македонското прашање, како и до сите партии да ја сакаат земјата, да бидат лојални државјани и со сите сили да го бранат интегритетот на територијата.

– Обвинувањата дека изградбата на споменици од времето на Македонија пред нашата ера значи некаква „антиквизација“ како синоним за десловенизација, односно менување на идентитетот на современа македонска политичка нација не претставува ништо друго, туку перфиден обид за промена на државното име Македонија кое е елемент на државноста, а неговото непризнавање е агресија врз државата, бидејќи е фундаментално право, нагласи Петров.

СКМ и натаму бара итен и безусловен прекин на разговорите за промена на државното име, потенцираше Петров, отфрлувајќи компромис и референдум. Оттаму бараат продолжување на членството во ОН под државното име Македонија со можност за употреба на уставната референца Република како јасна разлика од истоимената северна грчка провинција, без латинична транскрипција на македонскиот јазик, туку на англиски јазик со меѓународниот код МКД.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top