Со 81 глас изгласани уставните промени – Република Северна Македонија влезе во уставот

Со 81 глас и бојкот од ВМРО-ДПМНЕ, Собранието ги изгласа уставните измени.Со тоа се даде зелено светло на Преспанскиот договор за менување на името на државата во Република Северна Македонија..

Не изостанаа честитките меѓу пратениците и министрите кои беа присутни на седницата.

„Денеска Преспанскиот договор се имплементира во целост со сите негови делови, со што се отстранува пречката за членство на земјава во НАТО и ЕУ. Можеби емоциите на граѓаните и разните заедници денеска ќе бидат измешани, но од утре ќе видиме дека ова беше вистинската одлука, храбра одлука што гарантира мир, стабилност и економска благосостојба за идните генерации“, изјави за ТВ21 Бујар Османи – Вицепремиер на Р.М.

Изгласувањето на уставните измени, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го нарече пораз за Македонија. Тој побара да се распушти парламентот и да бидат распишани предвремени парламентарни избори, заедно со претседателските.

За уставните измени гласаа и 8-те пратеници кои беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ.

Собраниската седница почна откако беше постигнат договор помеѓу Зоран Заев и Биљал Касами. Дел од нивните барања беа прифатени. Во државјанството, во преводот на албански јазик, кај Албанците, наместо „македонско“, ќе стои државјанство на Македонија/граѓани на Република Северна Македонија.

„Постигнавме преку измената и креативна формулација  на овој член  да влијаеме се што е за Албанците да се утврди со овој член од Уставот и тие 5 закони кои директно влијаат за двојно гласање кое им гарантира на Албанците дека никогаш никој нема да може да наметне на албански јазик  пишува Македонско туку на Македонија/граѓани на Република Северна Македонија“, рече Аријанит Хоџа – генерален секретар на движењето Беса.

Со гласањето на уставните измени, сега сите погледи се свртени кон Грчкото собрание каде се очекува со мнозинство да се изгласа договорот, по што и официјално треба да стапи на сила, а со тоа и да се потпише протоколот за членство на Македонија во НАТО.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top