Со Законот за јазици Македонија добива бинационален карактер, наместо уставната мултиетничност

Колумна на Јове Кекеновски.

За жал досега поради дневнополитичко толкување на Охридскиот Рамковен договор, а пред се на Уставот, многу нови и воопшто непредвидени работи излегоа од зацртаната ,,рамка” и од нормалата. Со досегашниот „Закон за употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа“ (од 2008 година како и со измените и дополнувањата на истиот во 2011 година) во целост беше испочитуван амандманот 5 на Уставот на РМ и во најголема можна мера беа остварени политичките и други заложби на Рамковниот договор поврзани со унапредувањето на статусот на албанскиот јазик и на јазиците на другите заедници во РМ.

Со новоусвоениот Закон за употреба на јазиците наместо зацртаната и во Уставот декларирана мултиетничност, доаѓа до зацврстување на бинационалниот карактер на државата и билингвалноста. Во едно мултиетничко општество повеќе е од неодговорно, но и од правен аспект е спорно, политичките елити да фаворизираат една етничка заедница, нејзиниот јазик, обележја и симболи, наспроти останатите етнички заедници и нивните обележја, со кои треба да се гради соживот во државата.

Жално е што со овој Закон и директно и индиректно се стимулира етничка припадност да стане главен, односно доминантен елемент за идентификација. Со решенијата во Законот, македонскиот јазик како официјален и службен јазик на целата територија и во меѓународните односи е изедначен со јазикот што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните. Сето ова во иднина ќе доведе до зголемена политичка моќ на припадниците на заедниците или заедницата која брои повеке од 20%, а за најмала последица ќе го има дополнителното нарушување на веќе нарушениот принцип на соодветна и правична застапеност, посебно во државната и јавната администрација.

Законот за употребата на јазиците не само што ги надмина рамките на Уставот, туку тој е спротивен и на Европската повелба за регионални и малцински јазици.

За вакво нешто може да се разговара и да се реализира само во оној момент кога ќе порасне свеста и совеста на граѓаните за припадност и лојалност кон државата во која се родени (без разлика на верската, етничка или било каква друга припадност или потекло), кога сите државата ќе ја чувствуваат како своја и кога нема со едно око да намигнуваат на други држави.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top