Собрание, се предлага нов начин на наплата на патните трошоци

Пратениците кои на работа во Собранието патуваат од другите градови засега немаат алтернатива освен да си земаат патни трошоци..

Но, од СДСМ најавуваат дека подготвиле решенија кои би требало да бидат финансиски поприфатливи за буџетот. Веќе се доставени и до сите партиски координатори на разгледување. Едниот предлог подразбира налатата на овие трошоци да остане во сила, но да се заостри контролата како би се избегнале злоупотреби.

„Најголемиот проблем во сегашниот начин на исплата на патни трошоци е злоупотреба на системот. Имало и има пратеници кои не патуваат секој ден, а наплаќаат патни трошоци. Со алатки, активности и механизми кои би го спречиле тоа, драстично ќе се намали сумата на патни трошоци кои се исплаќаат на месечно ниво“, рече Томислав Тунтев (СДСМ).

Останатите три мерки подразбираат сместување на пратениците во близина на работното место.

„Втората алтернатива која ја понудив за размислување на моите колеги е давање на користење на државни службени станови. Имаме Претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, порано тоа беше практика. Значи, за време на мандатот да се користи станот, но петок, сабота и недела да ни бидат давани како пратеници за да комуницираме со нашите гласачи од каде што доаѓаме“, додава Тунтев.

Третата алтернатива е давање надомест за одвоен живот и изнајмување стан под кирија. Четвртата алтернатива е хотелско сместување на тендер за кој ќе одлучи Собранието. Во јавноста деновиве доста се дискутираше околу високите износи на патните трошоци кои ги наплатиле дел од пратениците и од власта и од опозицијата. Од 120-те пратеници во Собранието, дури 71 располага со правото да наплаќа патни трошоци.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top