Социјалдемократите и либаралите од регионот децидни дека Западен Балкан мора да се интегрира во ЕУ

Македонија е домаќин на завршниот настан на регионалната академија за прогресивни политики од земјите на Западниот Балкан, „ПрогВеБ“..

Меѓународната конференција, насловена „Еден Балкан кон ЕУ“ има за цел, да ги обедини социјалдемократите и либералите од Западниот Балкан во надминување на предизвиците со кои се соочува Западниот Балкан во неговата цел да се интегрира во Европската Унија.

Домаќин на конференцијата е претседателот на СДСМ, Зоран Заев, а меѓу повеќето говорници, свои обраќања имаа: претседателот на ЛДП, Горан Милевски, европратениците Тонино Пицула и Тања Фајон, претседателот на СДП Хрватска, Давор Бернардиќ, заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска, потпретседателката на СДСМ, Мила Царовска и претседателот на СДММ, Дарко Каевски.

Главната порака која ја испратија сите говорници е дека Македонија мора силно да продолжи на својот пат кон интегрирање кон Европската Унија, заедно со Албанија, Србија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина. Европеизацијата на Западниот Балкан е процес кој треба силно да се движи напред, за доброто на сите граѓани од земјите од Западниот Балкан. Европската Унија и Балканот се тесно поврзани во својата култура и вредностите. Само обединет балкан може црвсто да гази напред кон Европската Унија и кон целосно интегрирање на регионот!

На лидерската сесија, лидерите на политичките партии од регионот се согласија дека одлуката на Европката Унија за неотпочнување на преговори за Македонија и Албанија е погрешна и треба да биде исправена час поскоро. Низ интеграциите и низ позитивните промени, нашите општества добиваат многу, но најмногу добиваат нашите млади, кои повторно гледаат иднина и перспектива во своите домашни земји.

Социјалдемократските и либералните вредности, не само што ќе овозможат брза интеграција на земјите од Западниот Балкан, туку ќе донесат и многу сериозен бенефит за граѓаните на нашите земји, како сериозни работнички права, загарантирана минимална плата и силни социјални реформи. Секој човек е роден еднаков и без разлика на сите работи, секој човек заслужува еднаква можност за успех.

На маргините на конференцијата се одржаа и повеќе билатерални средби, фасцилитирани и поддржани од организаторите, политичките тинк-тенкови: Прогрес институт за социјална демократија, Фондацијата Борис Дивковиќ, Фондацијата Ќемал Стафа, Центарот за модерни вешнити и Форумот на леви иницијативи. Целта на билатералните средби беше поврзувањето и остварувањето на врски помеѓу лидерите на социјалдемократските и либералните партии од регионот, европратеници и меѓународните секретари на шведската социјалдемократска партија и либерална партија. Овие новоизградени мостови ќе ја зајакнат регионалната соработка, но и ќе обезбедат јасен пат на нашата земја кон Европската Унија.

Конференцијата „Еден Балкан кон ЕУ“ е завршниот настан на првата генерација на младинската едукативна програма „Прогресивни политики во Западниот Балкан – ПрогВеБ“, организирана од пет политички тинк-тенкови: Прогрес институт за социјална демократија, Фондацијата Борис Дивковиќ, Фондацијата Ќемал Стафа, Центарот за модерни вешнити и Форумот на леви иницијативи, поддржани од Олоф Палме меѓународниот центар и Меѓународната фондација на центристичката партија.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top