Солскјер блеска по победата: Ноќ за паметење, ова е духот на Манчестер Јунајтед

Манчестер Јунајтед по поразот од 0:2 на „Олд Трафорд“ во првиот меч од осминафиналето во Лигата на шампионите синоќа на „Паркот на принцовите“ приреди сензација во ревнашот против ПСЖ..

„Црвените ѓаволи“ славеа со 1:3 и така минаа во четвртфиналето, а бајката на Оле Гунар Солскјер на клупата на екипата продолжи.

„Фантастична ноќ, јас само ќе го одработам своето до лето и ќе чекам да видам што ќе одлучи клубот“, одговори Солскјер на прашањето за неговата иднина на „Олд Трафорд“, фактот што веројатно во моментов најмногу ги интересира навивачите на клубот, а неговото останување на клупата не би требало да се доведе во прашање, па тој се осврна и на самиот натпревар:

„Оваа ноќ мораме да ја паметиме, фантастично, ова е духот на Манчестер Јунајтед… Момците беа фантастични. Имаме одличен однос и фантастично е чувството да ги тренирам. Одличен тим сме, само сакам да напредуваат и да имаат што е можно повеќе вакви ноќи“.

„Да се биде аутсајдер е необично чувство за Манчестер Јунајтед, но им одговараше на момците вечерва. Голем дел од нив не играа многу досега и беше убаво за нив да се најдат на теренот, а притоа да немаат што да загубат“, додаде Солскјер.

„Им реков, излезете и покажете што знаете. Знаеме дека ќе мораме да се браниме како никогаш досега, да трчаме повеќе од било кога, но ќе имаме шанси“, откри Солскјер.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top