Солскјер е сурово искрен, се сети и на Жозе Мурињо!

Тренерот на Манчестер Јунајтед Оле Гунар Солскјер истакна дека на екипата ќе и треба многу време за да ги достигне водечките во Премиер лигата и дека крајот на сезоната е единствената позитивна работа за неговиот тим..

„Последните неколку месеци беа исклучително тешки за екипата и клубот и за играчите. Помалку или повеќе единствената позитивна работа е тоа што сезоната заврши. Повторно ќе се собереме на 1. јули и ќе работиме да се вратиме таму каде што припаѓаме“, изјави Солскјер.

Јунајтед во последното коло загуби на „Олд Трафорд“ со 2:0 од Кардиф, екипа која веќе беше испадната од лигата. Јунајтед сезоната ја заврши на шестото место на табелата со 32 бода заостанување зад шампионот Манчестер Сити.

„Ќе ни треба многу за да ги стигнеме лидерите. Нашата краткорочна цел ќе биде да влеземе меѓу првите четири екипи. Ја имаме Лигата на Еврпоа, ФА Купот, Лига Купот за да бркаме трофеи, бидејќи Манчестер Јунајтед не може долго да биде без трофеи. Жозе Мурињо последен ја освои Лигата на Европа и тоа е реална амбиција“, наведе Солскјер.

Говорејќи за Сити и Ливерпул, Солскјер истакна дека тие две екипи биле исклучителни оваа сезона.

„Ние сме пет или шест бода зад Арсенал, Тотенхем, Челзи. Нив мораме да ги стигнеме и да не дозволиме на никого да се доближи. Ќе ни бидат потребни нови играчи, нови лица, но го видовте Мејсон Гринвуд, тој е направен за Манчестер Јунајтед и внимателно ќе го следиме во иднина“, изјави Солскјер.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top