Состојбата од Македонија се пресликува во дијаспората, иселениците со поделени ставови за референдумот

Една дијаспора, поделена на две организации со спротивставени ставови..

Македонските иселеници ширум светот со две различни гледишта за референдумот. Обединетата Македонска Дијаспора предводена од Мето Колоски повикува на бојкот, додека Форумот за Демократска Македонија го поздрави распишувањето на долгоочекуваниот референдум. ФДМ ја осуди блокадата од страна на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи за нив тоа претставува погазување на правото на граѓаните да ја изразат својата волја на референдумот.

– Референдумот е дел од поширока визија за иднината на земјата која не треба да врзува со поддршка за СДСМ и за нејзините потфрлања во реформските процеси, ниту пак за ВМРО-ДПМНЕ, која го критикува референдумот без да понуди јасна алтернатива. Референдумското изјаснување е можност граѓаните да покажат сопствено размислување и да донесат одлука во натпартиски контекст. На крајот, како глобална организација на македонски иселеници од најразлични возрасти и етницитети, Форумот строго ги осудува сите обиди на одредени иселенички организации да го моноползираат дијаспорскиот дискурс и да го прикријат разногласието во дијаспората за ова клучно политичко прашање, велат од Форумот за Демократска Македонија.

ОМД од друга страна како главна причина за бојкотот на кој повикува го наведува прашањето кое ќе биде поставено пред граѓаните на Република Македонија, за кое тие сметаат дека е неприфатливо поради својот манипулативен карактер.

– Вака поставеното прашање е неприфатливо поради својот манипулативен карактер кој го крие вистинскиот исход од договорот со Грција, кој подразбира промена на името на државата во Република Северна Македонија и бришење на македонската историја и посебност. Воедно, отсуството на опозицијата и експертската јавност при усвојувањето на референдумското прашање, како и консултативната природа на референдумот кој овозможува политичко самоволие без разлика на јавното мислење, ги доведуваат во прашање законските и демократски стандарди на земјата, велат од Обединета Македонска Дијаспора.

На домашна сцена пак последни кои испратија пораки за поддршка на референдумот беа членовите на „Група Охрид“, составена од Хавиер Солана, Џорџ Робертсон, Карл Билд и многу други.

-Размислете, овој момент е „сега или никогаш” за вашата земја, за вас и за иднината на вашите деца. Вашата влада и Грција не преговараа како актуелни ривали, туку како утрешни пријатели. Многу од нас се сеќаваат на лошите денови за Западен Балкан од 90-тите години, кога преовладуваа етничките судири, насилството и недовербата. Економскиот и социјалниот напредок беше прекинат. Тие денови мора да останат во минатото. Членството во НАТО нуди сигурносна гаранција. Членството во ЕУ ќе донесе економски раст, инвестиции, работни места и пристап до европски програми кои ќе го подобрат вашиот живот, велат од „Група Охрид“.

Од друга страна пак 30-тина организации формираа таканаречен кризен штаб за кампањата, во која ќе повикуваат на бојкот за референдумот. Во „Македонија бојкотира“ меѓу другите членува Единствена Македонија на Јанко Бачев, Демократска фракција на ВМРО-ДПМНЕ, Христијанско Братство, Тврдокорните. Тие најавија дека ќе одат од врата на врата и ќе ги убедуваат граѓаните да не излезат на референдумот.

Извор: 1тв


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top