Спасовски: Среќни сме што ги имаме САД за наши најблиски стратешки партнери

Премиерот Оливер Спасовски на својот фејсбук профил им го честита Денот на независноста на САД, 4 Јули..

- Честит 4 јули, Ден на независноста на САД. Оваа година Соединетите Американски Држави одбележуваат 244 годишнина од усвојувањето на Декларацијата за независност во 4 јули, 1776 година. Традицијата на американската демократија е водилка и инспирација за сите демократии во светот, а посебно за оние кои се посветени на зачувување и развивање на силното транс-атлантско партнерство. Среќни сме што ги имаме САД за наши најблиски стратешки партнери. Посебно сме горди што од оваа 2020 година, Северна Македонија и САД се и сојузници во НАТО, најсилната воено-политчка алијанса во историјата на светската цивилизација, наведува Спасовски.

Тој изразува и благодарност за поддршката на САД.

-Благодарни сме за целата нивна поддршка во развојот на нашата демократија, економија и подобрување на социјалните услови за живот во нашата држава од независноста до денес. Благодарение на нивната поддршка и континуирани заложби ги надминавме најголемите препреки во процесот на нашата интеграција во НАТО, и чекориме забрзано кон интеграција во ЕУ. Нашето пријателство и поддршка повторно дојдоа до израз во надминувањето на предизвиците на пандемијата од КОВИД-19, со кој целиот свет е соочен. Заедничките предизвици, ги надминуваме побрзо и полесно со заеднички напори и активности, бидејќи сме длабоко посветени и водени од истите вредности и идеали кои ги поставија основачите на САД пред 244 години. Во мое лично име, во име на Владата, и во име на сите граѓани на Република Северна Македонија, им го честитам 4 Јули, на сите граѓани на САД, стои во честитката што  Спасовски ја објави на својот фејсбук профил.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top